Именден празнуваат: Ѓорѓија, Гоце, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.
Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум.
Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.
На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник ги нема толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето.
Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок.
Празници, според обичаите, слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.
Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден“. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн.
Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред сè, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.
Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките, вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро.
Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поседуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл.
Девојките си ги намачкуваат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар.
Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка.