Православните христијани утре ја слават Тодорова сабота, а именден празнуваат Тодор, Тодорка, Теодор, Теодора…
Тодорова сабота или Тодорица се смета за празник на приврзаноста кон велигденскиот пост.
Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.
Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.
Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа која што се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје”, „за воловско здравје”, „за коњско здравје” итн.
На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар. Тоа го правеле на следниов начин: Во крпчиња врзувале варена пченица и пченка и три пати ја префрлале преку олтарот од црквата. Потоа вечерта пред спиење ја ставале под перницата, заедно со првиот касај добиен во црквата „за мажо здравје”. До креветот ставале и дуле полно со вода за кое го врзувале појасот кој со другиот крај го ставале под перницата. Притоа наречувале: „Кој ми е речен да ми дојдит на мостов, да поминит по појасов, да го видам во сонот”.
Вакви обичаи забележал и М. Цепенков. „Во петок вечер спроти Тодорова сабота, кое девојче сака да си го види на сон кое момче ќе си го земи за маж да је биди. – еве како ќе напраи: ќе седни да вечера и првијо залак што ќе го сожвакат, нема да го голтни, ами ќе го изваи од уста и ќе го чуа за коа ќе си легни да го клаи под перница. Спиејќи над залаго, ќе и дојде тоа момче што и је наречено за да ја земи. Ако види некое момче што го знаи, него ќе го земи бездруго, а пак ако види некое непознато, непознатото момче ќе го земи”. Сличен на овој обичај М. Цепенков забележал и во Битола: „Во град Битола спроти Тодорица праат мајките на ќерките еден маривет да познаат кое момче ќе и ја земи ќерката. Ќе појди една мајка в црква и ќе земи три зрна пченица, падната што има наземи. Коа ќе седнат да вечераат, ќе и го укради мајката на ќерката првиот залак и коа ќе си легни девојчето да спие, ќе и клаит под перница. Спиејќи девојчето, ќе го сонуала кое момче ќе го земела, убао ќе го видела, очи со очи ќе се виделе и бездруго тоа момче ќе го земела. Утрото со душа ќе ја чекат мајка е да стани од спиење за да ја праша што сон сонуала. Ако е страмежливо некое девојче и неќи да е кажи на мајка си, таа ќе и нагодуа за соно што го видела и за момчето што го видела. Ете од трите зрна пченица и еден залак леб, клаени под перница ќе си го виделе на сон кое момче ќе земи. Ако е вистина ашколсун јас ќе му речам.“