Денеска е Сpетение Господово: Пpазник кога се сpетнуваат 3имата и пpолетта

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Сретение Господово, што секогаш се празнува 40 дена по Рождество Христово.

Во четириесеттиот ден по Рождество Пресветата Дева Го донесе својот Божествен Син во ерусалимскиот храм за, според Законот, да Му Го посвети на Бога, а самата да се очисти (Левит. 12, 2 – 7; Исход 12, 2). Иако не беше потребно ни едното ни другото, сепак Законодавецот никако не сакаше да се огреши кон Законот којшто Самиот го беше дал преку Својот слуга, Пророкот Мојсеј. Во тоа време во храмот држеше чреда првосвештеникот Захариј, таткото на Свети Јован Предвесник. Тој Ја смести Богородица не на местото за жени, туку на она за девојки. Во таа прилика во храмот се јавија две необични личности: старецот Симеон и Ана, ќерката Фануилова. Праведниот старец го зеде на своите раце Месијата и рече: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, зашто го видоа очите мои спасението Твое“.

Уште рече Симеон за Младенецот Христос: „Глеј, овој лежи за подигање и паѓање на мнозина во Израилот“. Ана пак, која од младоста Му служеше на Бога во храмот во пост и молитва и самата Го позна Месијата, па Го прослави Бога и им објави на ерусалимјаните за доаѓањето на Долгоочекуваниот. А фарисеите, присутни во храмот, штом видоа и слушнаа с ѐ , се разгневија на Захарија зашто ја постави Дева Марија на местото за девојки и му јавија за тоа на царот Ирод. Уверен дека тоа е Новиот Цар за когошто говореа ѕвездогледците од Исток, Ирод брзо испрати да Го убијат Исуса. Но во меѓувреме Божественото семејство веќе поодмина од градот и според упатство од ангел Господов се упати кон Мисир. Денот Сретение меѓу христијаните се празнува уште од самиот почеток, но торжественото празнување на овој чудесен ден е особено востановено во 544 година, во времето на царот Јустинијан.

Празникот Сретение е еден од 12 големи црковни празници, заедно со Рождество, Богојавление, Воскресение, и како и тие, има длабока спасителна смисла. Реалниот настан врз кој се темели длабоката содржина на овој празник е расказот за Симеон, кој по неговата средба со Бога беше наречен Богопримец. На овој старец преку ангел му било кажано дека нема да умре дури не го види ветениот Помазаник, Месијата. На неговото чекање доаѓа крај 40 дена по раѓањето на Исус Христос. Според Мојсеевиот закон, во тој ден секое првородено машко дете се носело во eрусалимскиот храм. На тој ден, во храмот, се случила средбата на свети Симеон и Богочовекот Исус Христос, и тоа е првата средба лице в лице на човекот со Бога. Длабоката смисла на овој празник се состои токму во таа оттогаш отворена можност за општење со наднебесниот Бог лице в лице.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.