Свети Спиридон живеел во четвртиот век на островот Кипар. Родителите му биле прости луѓе и тој од младоста чувал овци. Кога му дошло времето, се оженил, но наскоро останал вдовец, па целиот свој имот почнал да го користи за да им помага на бедните. Подоцна бил избран за епископ во кипарскиот град Тримитунт. Господ го прославил овој чудесен човек со даровите на чудотворство и прозорливост. Откако добро и послужил на Црквата, се упокоил во 350 година. Неговите мошти се пренесени во седмиот век во Цариград, а во времето на турското освојување биле пренесени на грчкиот остров Крф.
Моштите на Св Спиридон поседуваат единствени својства. Не само што се нетрулежни со векови, туку се меки и кревки што е ствојствено на живо човечко тело. Кивотот на Светителот е украсен со даровите од луѓето на кои им помогнал. Местото каде што се наоѓаат моштите е заклучено и се одклучува за православните христијани, додека на католиците им е дозволено само да го целиваат кивотот.
Преку стаклото на кивотот многу добро се гледа лицето на Светителот. Одлично зачувана коса, бели заби, кожата малку потемнета и збрчкана но ја сочувала својата форма. Телото на Св. Спиридон има стална температура од 36,6 степени, му растат косата и ноктите. И што е најчудно облеката која му е облечена се менува на секои 6 месеци, затоа што се троши. Како да не лежи во кивотот, како да оди(шета).Чуварот на кивотот раскажувал, дека не можел многу пати да го стави клучот во кивотот за да го одклучи. Тогаш свештениците знаат, Светителот едноставно не е во кивотот, тој шета на островот.
Чудо на Св. Спиридон во храмот во Каристос, Грција 1930 г.
Празникот на св. Спиридон особено свечено се слави од страна на Вистинските Православни Христијани, бидејќи на тој ден новокалендарците го слават римо-католичкиот Божиќ. Во Грција на овој ден често може да се видат литии од старокалендарците кои по улиците на селата и градовите ја носат иконата на св. Спиридон за да им покажат на новокалендарците дека тој ден според православниот календар не се слави Божиќ. Пред нас е сведоштвото за едно чудо на св. Спиридон кое многу новокалендарци преобрати во Вистински Православни Христијани.
За чудото на св. Спиридон, во 1976 г., раскажуваше старица Зиновија Сидери (доживеа 102 години), една од многуте сведоци кои присуствувале на тоа случување, а за кое во свое време пишуваше и атинското списание „Скрип“. Еве што раскажа старица Зиновија:
„Беше празникот Рождество Христово според новиот календар. Јас тогаш сеуште не бев преминала кај старокалендарците. Дојдов на сеноќно бдение во храмот Св. Николај. Храмот беше преполн со народ. Стоев на левата страна покрај еден столб. Над мене на тој столб висеше иконата на Св. Спиридон, дар од Антониј Лумидис од Пиреја. Иконата беше украсена со цвеќе, кое остана уште од празнувањето на светителот според новиот календар. Кога свештеникот кој што служеше литургија, отец Сила, по малиот вход почна да кади и да го пее тропарот на Божиќ „Рождество Твоје Христе Боже наш…“, иконата на св. Спиридон наеднаш почна да се удира од столбот толку силно што сето цвеќе кое што беше на неа испопаѓа на земјата. Народот гледајќи го ова чудо се ужасна. Свештеникот и псалтите престанаа со пеењето. Тогаш некој од народот повика: „Денес според стариот календар е празникот на св. Спиридон. Пеејте го неговиот тропар!“ Певците и свештениците „занемеа“. Во тој миг верниот народ почна да пее: „Собора перваго показалсја јеси поборник и чудотворец, Богоносне Спиридоне, отче наш…“ (тропарот на светителот). И дури за време на пеењето на тропарот на светителот, неговата икона пополека почна да се смирува за на крајот целосно да престане да удира на столбот.“
Следниот ден, весникот „Карестини“ објави соопштение за тоа чудно случување. Сите жители на Каристос и околината говореа за тоа и признаваа дека старокалендарците се во право. Подоцна, на 29 декември, весникот „Карестини“ објави: „…Наредниот ден иконата не беше на своето место. Многумина мислат дека намерно е тргната за да не се продолжи дискусијата за проблемот околу календарот, за кое правовремено почнаа да дебатираат верниците, од кои повеќето преминаа кај старокалендарците. И така јавноста на Каристос правдољубиво негодува и мисли дека некој злобно си подигрува со религиозните чувства и светите икони, бидејќи до сега иконата не е вратена на своето место, иако инстистираат сите жители“.