Црковниот празник посветен на слегувањето на Светиот Дух на апостолите, кој се празнува 50 дена по Велигден е еден од најголемите празници кои Македонската православна црква ги одбележува.
Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела.
Овој е единствен од 12-те големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение.
На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните претци.
Овој ден меѓу народот е познат и под името „Мртва сабота“. Духовден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница.