Демант на прилепската болница: Целосно се функционални хидрантите и противпожарните апарати во установата, да не се шири непотребна паника кај граѓаните!

Категорично ја демантираме изнесената објава на социјалните мрежи (21.03.2025 год.), во која е објавена видео-снимка направена во просториите на болницата од страна на лице кое се претставува како „придружник на пациент“. Во врска со наводите изнесени во објавата, ја информираме јавноста дека противпожарната опрема, вклучително и противпожарните апарати и хидрантската мрежа, се целосно функционални. Истите се редовно одржувани и контролирани од овластено друштво за сервисирање на противпожарна опрема – напишаа од прилепската општа болница “Борка Талески”, откако на социјалните мрежи се споделија сомнежи околу исправноста на апаратите за противпожарна заштита во здравствената установа.

Демантот на болницата во целост го пренесуваме во продолжение:
.
Последната контрола и технички преглед на противпожарните апарати и хидрантската мрежа беше извршена на ден 25.12.2024 година, од страна на овластеното стручно лице на компанијата Рени Инженеринг – Скопје, за што постои валидна документација (сервисни картони и фотографии).

За потребите на јавноста, дополнително појаснуваме дека на секое одделение во рамки на установата се наоѓа функционален хидрант, исправен противпожарен апарат, како и соодветен пристап до функционални противпожарни скали.

Оваа установа постојано се придржува до законски пропишаните стандарди и протоколи за заштита од пожари, и ги презема сите неопходни мерки за безбедноста на пациентите, вработените и посетителите.

Апелираме до медиумите да се придржуваат кон професионални и етички стандарди при известувањето и да проверуваат информации пред нивното објавување.

Со почит,
Општа болница Прилеп
21.03.2025 година




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.