Демант за Мурињо: Надлежните во Македонија велат дека тренерот на Тотенхем не ја кажува вистината, голот не бил понизок

АД за изградба и стопанисување ги отфрла како неосновани тврдењата во одредени медиуми дека е направен пропуст во димензиите на рамката на еден од головите на Националната Арена „Тодор Проески’’

-Пред почетокот на овој натпревар, исто како и пред сите меѓународни натпревари делегат на УЕФА и судиите извршија проверка на целокупниот терен. По детално извршената проверка, од нивна страна беше потврдено дека се задоволени условите за одржување на натпреварот.

Димензиите на рамките на головите беа во рамки на УЕФА правилата, односно делегатот на УЕФА и судиите констатираа дека се во рамки на дозволеното отстапување. По реакцијата на тренерот на Тотенхем, во интерес на натпреварот, висината на двата гола веднаш беше минимално корегирана.

На официјалната интернет страница на екипата на Тотенхем не само што немаше какви било забелешки за условите за игра, туку сите објави беа во насока на пофалби за одличната организација на натпреварот и условите за игра .

Во изминатите 20 дена на Националната Арена „Тодор Проески’’ беа одиграни 5 меѓународни натпревари и сите ги поминаа ригорозните инспекциски контроли на УЕФА.

Дека голот бил понизок за десет сантиметри потврди и тренерот на Тотенхем Жозе Мурињо. Тој се пожали и дека тревата на Градскиот стадион била лоша.

-Голманите ми кажаа дека еден од головите е помал и навистина беше. Го информиравме директорот и по мерењето на лицето од УЕФА дека е пократок за десетина сантиметри. Сакавме да се промени и баравме да се донесе гол со вистинска димензија што и се направи – објасни Мурињо.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.