Во рамките на проектот за претприемничко учење во организација на SEECEL, тим од нашата гимназија составен од проф. Весна Паноска – координатор на проектот, Кети Ефремоска – професор по англиски јазик, Димитар Ристески – изготвувач на финансискиот план и проф.Николче Богданоски – раководител на тимот, реализира посета на Првата Сушачка Хрватска Гимназија во Риека.
Оваа гимназија од Риека исто така беше вклучена во проектот, а посетата беше со цел да се разменат искуствата за тоа како нашата Гимназија и како риечката Гимназија го имплементираа овој проект.
Тимот од нашата Гимназија беше пречекан од директорката на Првата Сушачка Хрватска Гимназија, г-ѓа Џудита Франко, координаторот на проектот, стручниот соработник Горан Грачанин, од професорскиот тим на гимназијата кој работел на проектот како и од претседателот на Ученичкото собрание Никола Бабиќ.
Претставниците од двете гимназии ги претставија своите училишта, се произнесоа по реализацијата на проектот и заеднички разгледуваа можности за тоа на каков начин би можело низ образованието да се мотивираат и охрабрат учениците да ги креираат и да ги реализираат своите бизнис идеи и планови.
Потоа професорот по ликовна уметност Теодор де Канциани, низ подолга прошетка низ училиштето, ги запозна членовите на нашиот тим со историјатот, библиотеката, просториите и ретките материјални збирки на Сушачката гимназија.
Директорката на училиштето и професорот Теодор де Канциани за нашиот тим организираа и прошетка низ Риека со запознавање на најзначајните културно историски знаменитости.
Официјалната посета на Прва Сушачка Хрватска Гимназија во Риека се заврши со ветување за продолжување на соработката, возвратна посета од нивна страна на нашето училиште и учество во идни заеднички проекти.
Во рамките на оваа посета на Риека, нашата училишна делегација реализира средба и со претставници на Заедницата на Македонците во Република Хрватска во просториите на Културното друштво „Илинден“ од Риека.
Таму нашата делегација ја пречекаа претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска и претседател на Македонското друштво „Илинден“ г-дин. Илија Христодулов, г-дин Владо Настески – еден од основачите на МКД „Илинден“, г-дин. Илија Младенов – претседател на Македонската црковна општина „Св. Цар Константин и Царица Елена“, г-ѓа Ванѓа Калиќ – претседателка на Собранието на Македонското национално малцинство на град Риека и г-ица Ана Азеска – лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека. На средбата присуствуваше и директорката на Прва Сушачка Хрватска гимназија, г-ѓа Џудита Франко.
Нашата делегација, за Македонците од Риека, остави десетина книги на македонски јазик донирани од Градската библиотека „Борка Талески“ и од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп. Возвратно, од МКД „Илинден“ на нашата делегација им беше подарена литература и најновиот број од гласилото на Македонците во Република Хрватска „Македонски глас“.
По краткото претставување на нашата делегација, нашето училиште и нашиот град, со членовите на МКД „Илинден“ се разговараше за Македонија, за актуелните случувања, за животот во Риека и во Хрватска … па дури се изнајдоа и роднински врски.
Со ветувањата за взаемна соработка меѓу нашата Гимназија и Македонците од Риека заврши посетата на МКД „Илинден“.