Делегација од општина Битола на гости во збратимениот Херцег Нови каде се одржува 56. издание на Празникот на мимозите (ФОТО)

Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, викендов присуствуваше на отворањето на 56 издание на Празникот на мимозите во збратимениот град на Битола, Херцег Нови. За време на посетата на оваа популарна туристичко забавна манифестација, на која присуствуваа и голем број битолчани, градоначалникот Коњановски, оствари повеќе протоколарни средби на кои се разговараше за долгогодишната соработка помеѓу Битола и Херцег Нови, како и за можностите за понатамошно зајакнување и унапредување, пред се на културната соработка.

Градоначалникот Коњановски, на оваа тема разговараше и со Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, потпретседателот на Владата задолжен за безбедност, одбрана, борба против криминалот и внатрешната политика Алекс Бечиќ, министерката за култура и медиуми, Тамара Вујовиќ, амбасадорот на Македонија во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ и претседателот на Општина Херцег Нови, Стеван Катиќ.

На отворањето на Празникот на мимозите во Херцег Нови, присуствуваа и голем број претставници на дипломатскиот кор и други гости од збратимените градови на градот домаќин.

Во интервјуто за Радио телевизија Црна Гора, градоначалникот Коњановски нагласи дека Битола и Херцег Нови имаат официјална соработка од 1976 година, која беше обновена во 2019 година, а последните години истата се повеќе се интензивира со реализација на повеќе настани и активности на кои не присуствуваат само официјални делегации, туку и граѓани од двата градови.

Голема е одговорноста да се пренесе и зачува традицијата, прекрасно е чувството и задоволството кога доаѓаме овде каде што толку многу луѓе не пречекуваат со толку насмевки“, изјави првата мажоретка на Градската музика на Херцег Нови, Тара Рашковиќ, за време на отворањето на оваа манифестација, за која претседателот на Општина Херцег Нови истакна дека, значително влијае на промоција на градот, освојувајќи го туристичкиот пазар.

„Темелите на традиционалната манифестација ги поставија нашите претходници и сите заедно работиме фестивалот да биде што поквалитетен, да биде во чекор со времето, а сепак да останеме верни на народните веселби. Бербата на мимозите на која присуствуваме денес, маскенбалот, карневалот, забавните и спортските настани се оние околу кои организираме други програми за да му овозможиме на секој посетител да најде нешто интересно“, рече Катиќ.

Организатори на Фестивалот на мимозите се општина Херцег Нови, Туристичкиот одбор Херцег Нови – Туристичка организација Херцег Нови и ЈУК Херцег Фест.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.