Девојчето со ангелски глас од Прилеп кое сите ги остава без здив: Интервју со Александра Трајческа

Александра Трајческа е младо и супер талентирано девојче од Прилеп со ангелски глас. Кога таа пее публиката ужива во секоја секунда, секој стих, секој рефрен… Александра е прва година на Државното музичко училиште во Битола, а иако толку млада досега има еден куп настапи зад себе и секаде, ама баш секаде, се има претставено во прекрасно светло. Македонската публика подобро ја запозна преку нејзините настапи на талент шоуто “Пинкови ѕвездички”, каде редовно добиваше пофалби од стручното жири. Во продолжение разговараме со нејзе за досегашните достигнувања и идни планови на музички план.

1.Здраво Александра, кажи ни нешто повеќе за тебе и кога кај тебе се разви љубовта кон музиката, односно кога за прв пат забележа дека поседуваш музички талент?

-Љубовта кон музиката кај мене се разви уште на мали години. Паметам како заедно со моите сестри приготвуваме танцови и песни, додека телевизорот во дневната соба ечеше со македонските хитови на к-15. Но, талентот го открив можеби на свои 7-8 години со песната “Оро” на Јелена Томашевиќ. Потоа се запишaв во детскиот градски хор каде oд 10 години сум солиста.

2. Што претставува музиката за тебе?

-Клише одговор но, сепак вистината-живот. Музиката успева да ги опише сите постоечки чувства, желби и мисли. Таа дава слобода на изразување, неустрашливост, ми дава потполно право да бидам јас без никакви каења. Таа ми е терапија и одмор од секојдневниот живот.

3. Уште од мали години настапуваш. Имаш ли некој настап кој можеш да го издвоиш како најзначаен досега и кој секогаш ти буди посебна емоција?

-Дефинитивно тоа е првиот круг на “Пинкови Ѕвездички”. Не затоа што ми е најдобар, туку поради тоа што ме внесе во светот на перформирањето. Ми покажа колку можам да допрам до публиката и како можам да го искористам тоа што Господ ми го дарил, за задоволство, како на себе, така и на публиката. Тогаш почувствував еуфорија и до овој ден неможам да го заборавам чукањето на моето срце и среќата после тој настап. Исто така можам да го истакнам и настапот од финалето на минатогодишниот натпревар, каде настапив со џезерска верзија на музичкиот хит “Тoxic”. Tоа беше настап каде се покажа една друга страна на Александра, во свој елемент и со музика која јас ја обожавам.

4. Твоето образование го продолжи во средното музичко образование во Битола. Како ти оди таму и дали со сигурност ќе продолжиш и на високо музичко образование?

-Училиштето каде што продолжив е стриктно за класична музика, но многу работи се применуваат во целата музика. Супер е и секојдневно учам како чекор по чекор се создава оваа магија-музиката. Напоредно одам и во приватното училиште “Матрикс” каде работам со професорот Денис Димоски на свое вокално и артистичко напредување. Високото образование за мене е неизбежно, но незнам дали тоа би било во Македонија.

5. Имаш ли освоени награди?

-Освоив прво место на државно ниво минатата година за соло изведба како и многубројни хуманитарни благодарници.

6. Te гледавме на музичкото талент шоу “Пинкови ѕвездички”. Какво искуство беше тоа за тебе и колку придонесе ова натпреварување во твојот музички развој?

-Како што напоменав тоа ме внесе во водите на перформингот и музиката, ми покажа дека сцената е место кое кога и да се вратам ќе биде моја дома.

7. Во што се разликуваат ваквите талент шоуа во Србија и Македонија?

-Па во Србија ги има и се добро рекламирани, додека македонските може да се кажи дека не постојат.

8. Каде се гледаш за 15 години?

-Себе си за 15 години би сакала да се видам среќна работејќи го она што го сакам и најверојатно со 3 кучиња и некој мачор.

9. Дали се подготвуваш за нешто во скоро време и дали може да очекуваме твоја нова песна?

-Често снимам за прилепскиот театар со Томе Темелкоски, го отворив и премиерниот театарски детски фестивал “Силјан Штркот”, а во моментов работиме на проект кој би излегол следната година заедно со Томе.

10. Имаш ли некакво хоби или омилено место каде го трошиш твоето слободно време?

-Обожавам да танцувам и го сакам театарот.

11. Патување или шопинг?

-Патување.

12. Каде би сакала да настапиш, која е твојата животна желба?

-Не постои посебно место, би сакала да настапам пред публика која ќе ужива и ќе успеам да и го пренесам моето чувство кога ја слушам музиката, слобода и комфор.

13. За крај, кое е твоето мислење за музичката сцена во Македонија и дали македонската публика знае да ја цени домашната музика?

-Нашата музичка сцена дефинитвно во последно време се крева на нозе и народот почнува да го цени и нашето. Но, мислам дека македонските музичари како Каролина, Калиопи и многу други неоткриени заслужуваат многу поголема признание.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.