ДЕВОЈКА ОД КОЈА СЕ ОЧЕКУВА ОЛИМПИСКИ МЕДАЛ, ИНТЕРВЈУ СО ПУЛЕКСЕНИЈА ЈОВАНОСКА

Пулексенија Јованоска е вистински карате лидер. Таа е еден од столбовите на овој спорт во Прилеп, и е спортист од кој се очекува уште долго да пали по Европските, Светските, Балканските првенства, но и спортист од кој со сигурност се очекува и Олимписки медал, од моментот кога каратето ќе го добие приматот, Олимписки спорт. Неизбежен беше еден интервју разговор за маркукуле.мк, ја запрашавме за досегашните успеси, планови, приоритети. Долга е листата на успеси, уште поголеми се нејзините планови. Моментално Пулексенија ја темпира својата форма за тековната 2016година кога и претстојат големи предизвици.

Здраво Пулексенија и добредојде на маркукуле.мк.

Твојот живот, твојата љубов е каратето, кажи ни повеќе за твоите први настапи, кога се роди таа желба за овој спорт и како растеше сето тоа?

Здраво и од мене !
Драго ми е што токму вака гласи прашањето. Точно, со оглед на тоа што 16 години се занимавам со карате(од мојата шеста година), каратето е мојот живот. Почетоците беа производ на едно “радознало” дете, околу тоа што е карате, а прерасна во начин на живот. За мене каратето беше прв спорт во кој се обидов и ете се пронајдов. Така патот започна, со таа привилегија што имам можност да учам од најдобрите. Златко и Елизабета Димоски се мои тренери, како и селектори на Македонската карате репрезентација во кати.

Со кои одликувања може да се пофали Пулексенија Јованоска, што имаш запишано како успех во твојот бекраунд?

Во мојата кариера имам голем број на резултати. Сите мои успеси имаат посебно место и значење за мене. Еве накратко:

  • Европски бронзен медал, индивидуално во Кати У21. Прв и сеуште единствен таков медал за Македонија.(Лисабон 2014)
  • Бронзен медал, индивидуално во Премиер Лигата, ката натпреварување во сениорки ( Лашко 2014)
  • Две бронзи на Премиер Лига, Тим ката натпреварување во сениорки (2013, 2014) и златен медал 2015 год. во Истамбул.
  • Два пати бев 5то пласирана на Европско сениорско првенство во Тим Ката (2013 и 2015)
  • Два пати Балкански шампион во сениорска конкуренција во Тим Ката (2012 и 2014)
  • Балкански првак индивидуално во кати, категорија до 21 година во 2013год.

За успеси секако ги сметам и сите признанија кои ми се доделени:

Оскар за најдобра млада спортистка во 2014 година.

Оскар за најдобра женска сениорска екипа 2014 година

Оскар за најдобра студентска екипа 2013година

Признание за најдобар спортист на град Прилеп 2014 година, доделено од страна на весникот Зенит.

Тука секако ќе ги напоменам и признанијата од Карате Федерацијата на Македонија, за најдобра каратистка во 2008 година, како пионерка, 2010 година јуниорка, 2014 година јуниорка до 21 година, 2014 година сениорки. Кога стигна до првиот настап за Македонската карате репрезентација, и што значи за тебе да се бориш за боите на националното знаме? Прв пат настапив за Македонската репрезентација во 2006 година, во Верија, Грција, на Балканско првенство. За сениорската репрезентација настапив прв пат на мои 16 години во 2010 год, на Светското првенство во Белград. Да ги браниш боите на македонското знаме, пред се значи една голема одговорност, како и мотив за уште поголема работа.

Кои се твоите желби, што сакаш да постигнеш во твојата спортска кариера, каде го гледаш својот врв?

Желба на секој спортист е Олимпијадата, таму го гледам врвот, но одиме чекор по чекор.

Колку си задоволна од залагањето на надлежните институции, конкретно од Агенцијата за млади и спорт, Општината, како и од медиумската покриеност и известување за вашите достигнувања?

Eдна благодарност до Агенцијата за млади и спорт, ја сум стипендист од Меѓународна категорија. Во однос на медиумите мислам дека сме добро застапени, особено во пишаните медиуми и на порталите. Општината имаше убаво залагање за сите спортови во Прилеп, тоа беше правилник за наградување на успешни спортисти (од официјални натпревари), кој што се донесе пред неколку години. Но од незнам кои причини истиот тој правилник е во мирување, бидејќи сеуште не сме ги добиле ветените награди кои што ни следуваат според правилникот за остварени резултати. Се надевам дека во скоро време ќе бидат исплатени.

За што наредно се подготвува Пулексенија Јованоска, и како течат подготовките?

Веќе започнувам со темпирање на формата за натпреварите што следуваат. 2016 година имам многу значајни натпревари. Исто така и со тимот (сестрите Маријана и Мишела Димоски), почнувајќи од Карате 1 Лигата, Балканското и Европското првенство, за на крај да целиме кон Светското првенство во Линц, кое што ми е главна цел за во идната година.

Каратето е меѓу првите спортови во државата на кое што поле можеме да се пофалиме со силни успеси, значајни достигнувања и одликувања. Прилеп тука со сигурност предничи и дава огромен придонес кон развојот на овој спорт. Години наназат ти си еден од тие главни актери кои носат резултати од сите натпревари. Дали постои потенцијал во идните генерации, оние кои во иднина треба да ве наследат, дали Прилеп ќе го задржи тоа респектабилно висококотирачко место?

Благодарам. Според мене Прилеп е расадник за млади таленти. Потенцијал секако има, битно е тоа што имаат од кого да украдат знаење. Јас од моите тренери научив многу, и тие се главните “виновници” за сите мои успеси. Исто така битно е да имаат идоли, така мотивот за работа расти. Јас се надевам дека сите наши резултати ќе бидат дополнителен адут за еден ден тие да не наследат, секако со макотрпна работа и посветеност, како нашата.

Има ли Македонија сила за олимписки медал, во моментот кога овој спорт ќе се придружи на олимпиското семејство?

Јас силно верувам, Македонија има потенцијал. Тоа го докажавме повеќепати, каратето е водечки спорт во Македонија. Имаме две сениорски Европски златни медали, имаме многу европски медали во јуниорски категории, последниот многу значаен Светски медал. Сето тоа е доказ дека каратето има сила за Олимписки медал.

Дали каратето може некого да го промени како личност, како делува овој спорт на психофизичкиот развој во смисла на развој на телото, духот, начин на размислување?

Спортот како спорт има свои благодети. Нема подобра инвестиција за едно дете од спортот. Јас сум доказ дека каратето не те менува, те гради темелно како личност. Каратето ме научи да се натпреварувам, да победувам, да губам. Така и пораснав, со правилен психолошки и телесен израз, со самодоверба и истрајност, за да знам да се соочам со сите предизвици во животот. Јас со каратето изградив навики кои ме издвојуваат од другите. На моето домашно воспитување додадов нешто плус, токму затоа се наметнува и изреката “ Да си спортист е привилегија на најдобрите”.

Освен каратето имаш ли други свои интереси, погледи, занимања?

Секако. Студент сум веќе четврта година на Економскиот факултет во Прилеп. За да бидиш успешен во некоја работа треба да и се посветиш, јас го имам каратето. Слободното време го користам да се одморам и да се видам со пријателите.

Пулексенија кој е патот до успехот според тебе?

Според мене, патот до успехот е еден многу долг процес. Да се откажиш од задоволствата, да го издржиш притисокот, да се посветиш на секојдневни тренинзи, физичка, техничка и психичка подготовка, многу пречки, пот, солзи и повреди. Правилната и здрава исхрана е исто така значаен детал за еден спортист, кој што чекори по патот на успехот. Тренери од кои има што да научиш и родители како главна поддршка, како темел за сите успеси.

Порака до читателите на маркукуле.мк?

Имајте цел, бидете свои и верувајте во себе ! Вложувајте во патувања, изградете сопствен начин на живот и исполнете го со позитивни моменти.

Подготви : Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.