Две скопјанки на возраст од 81 и 82 години биле измамени вчера во вечерните часови, во два одвоени случаи, а за вкупен износ од еден милион денари.
-Во 20.25 часот во СВР Скопје, 81-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 300.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете мигрант и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати на неговото семејство, а потоа ќе ја ослободат. Пријавителката подигнала пари од банка и ги оставила на договореното место, а откако се слушнала со нејзината ќерка сватила дека била измамена, информира МВР.
Иста пријава полицијата добила и во 23 часот од страна на 82 годишна скопјанка која била измамена за 700.000 денари. Овој пат, лицето и се претставило како службеник од странска амбасада и ѝ кажало дека нејзината ќерка во САД прегазила дете мигрант.