Илина и Јована Николовски се две сестрички на возраст од 9 и 8 години. Илина е четврто одделение во ОУ “Невена Георгиева-Дуња” во Скопје, а Јована второ.
Потекнуваат од музичко семејство и од многу рана возраст покажуваат интерес кон музиката. Исто така се и ученички во нижото музичко училиште “Илија Николовски-Луј”, каде Илина е трeто, а Јована прво оддeление
Досега имаат снимено дванаесет свои детски песнички. Првиот настап им беше на детскиот фестивал “Чунга лунга” во Охрид, во рамките на “Охридски трубадури”-2016 година со песничката “Лето”.
Во 2017 година настапија на детскиот музички фестивал “Тра-ла-ла” во Битола со песничката “Јаболчиња”, каде добија и награда како најмлади учеснички.
На детскиот музички фестивал “Јојо” во Струмица ја испеаа песничката со наслов “Часовник”. Исто така имаат и 2 празнични песнички, каде се опеваат најголемите христијански празници Божиќ и Велигден, “Божиќна” и “Велигденска” песничка.
Во пресрет на новогодишните празници 2018 год. излезе песничката “Дедо Мраз” која има и англиска верзија “Santa Claus“ .
Ја пејат и химната на ООУ “Невена Георгиева- Дуња”. Во 2018 год. по втор пат земаа учество на детскиот фестивал “Тра-ла-ла” во Битола со песничката “Цреши на уши“.
Имаат и една преработка на песничката “Mary had a little lamb” (“Мери има јагненце“ на македонски јазик)
За песната “Љубов“во која ги придружува оперскиот пејач Кристијан Антовски го снимија и првиот видеозапис.
Единаесетта песничка носи наслов “Елко елкичке”, а најновата е со наслов “Остани дома”.
Автор на текстовите на песничките кои ги пејат Илина и Јована е нивната мајка Кристина, а додека музиката, аранжманот и продукцијата се дело на нивниот татко Сашо, кој подолго време се занимава со музика и компонирање. Покрај музиката Илина и Јована веќе четврта годинa посетуваат и часови по глума.