Љубителите на филмската уметност оваа недела ќе можат да проследат две проекции на македонски филмови во кино Мис Стон.
Вечерва / понеделник/ од 19.00 часот ќе можат да го гледаат филмот „Јон Вардар против Галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм, во режија на Гоце Цветаноски. Играат Атанас Атанасовски, Дамјан Цветановски, Елена Тарчуговска , Емилија Мицевска, Жарко Димоски,Мартин Ѓоргоски, Слаѓана Вујошевиќ,Тони Денковски,Филип Трајковиќ.
-Јон е потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, ќе настане хаос. Двајцата ќе ги здружат силите за да го заштитат најопасното оружје во Галаксијата да не падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки, и можен крај на севкупната егзистенција – се вели во образложението за филмот.
На шести ноември 2024 / среда/ од 19.00 часот ќе биде прикажан филмот „На сe доаѓа крај“ во режија на Рајко Грлиќ.
Во филмот се говори за Макс Пинтер, успешен адвокат од Загреб, кој успева да ги отфрли обвиненијата против неговиот клиент за двојно убиство, богатиот и моќен бизнисмен Динко Хорват. На прославата, Макс е пијан и му кажува на Динко дека ладнокрвно ги убил работниците, кои што дошле да прашаат за своите плати. Соочувањето со еден од столбовите на општеството го прави Макс непожелна личност, тој го губи својот партнер и клиенти, а неговата сопруга го напушта. Со својата девојка од универзитетските денови, Нина, започнува мисија за одмазда. Од друга страна, никој во оваа приказна не е целосно невин и сите се тесно поврзани. Играат Jелена Ѓокиќ, Живко Аночиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ, Петре Арсовски. Филмот таре час и половина и е за над 16 години.