Министерот Бочварски и градоначалникот Јованоски извршија увид и во завршните работи за реконструкција на улицата „Мице Козар“, која е дел од втората фаза на проектот на Министерството за транспорт и врски и Светска банка за реконструкција на локалните патишта во сите општини – вака пишува во веста објавена на 2. септември на веб страната на општина Прилеп.
Неполн месец откако на оваа улица се фотографираа министерот Бочварски, неговиот поранешен колега и кандидат за градоначалник, Сугарески, заедно со пратеникот Талевски и се’ уште актуелниот градоначалник Јованоски, улицата наново беше изгребана и наново се асфалтира.
Граѓаните шокирани и со неверување реагираат на ваквиот потег на надлежните и прашуваат зошто се расфрлаат и трошат народните пари на иста работа по два пати.
Според неофицијални информации техничкиот надзор утврдил дека бил турен мал слој на асфалт и не дал согласност за користење на улицата.
Ако е така, тогаш добро би било да се проверат и останатите улици кои на големо се гребат и асфалтираат во овие предизборни денови.