Да се поклониме и помолиме за здравје, мир и спасение – Мошти од светите Климент и Пантелејмон денеска изложени во храмот Параклис во Прилеп

Свети Пантелејмон се родил во Никомидија од татко незнабожец, Евсторгиј, и мајка христијанка, Евула. Во младоста ја изучи лекарската вештина. Подоцна поверува во Христа и се крсти. Господ му имаше дадено голема благодат да лечи од секакви болести, не само користејќи ја лекарската вештина, туку и со силна молитва. Така излечи и еден слепец од кого сите лекари веќе беа дигнале раце. А тоа ги побуди истиве, поради нивната завист, да го обвинат пред властите како христијанин. Свети Пантелејмон беше ставен на маки, а откако стана јасно дека ништо не може да го поколеба во верата во преслаткиот Господ го испратија на губилиште, под некое маслиново дрво. Тој клекна на колена, се помоли на Бога, а потоа му беше отсечена главата. Пострада во 304 година. Чудотворец во текот на животот, тој продолжи да исцелува и преку неговите свети мошти кои се зачуваа.

Во црквата Св. Кирил и Методиј – Параклис во Прилеп, утрово се служеше Светата Божествена Литургија, а преку целиот ден ќе бидат изложени свети мошти од Св. Климент Охридски и Св. вмч. Пантелејмон. Да го посетиме храмот Параклис денеска, да се поклониме и помолиме пред светите мошти и да измолиме мир, здравје и благосостојба за нашите семејства и нашиот град.

За многу години и напомош!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.