Да помогнеме кој колку може! Црковните храмови во Прилеп од утре ја започнуваат традиционалната хуманитарна акција за Велигден

По 15-ти пат неформалната хуманитарна организација “Св.Никодим Прилепски-Тисмански” при црквата Св. Благовештение во Прилеп, заедно со црковните храмови Св. Петка, Св. Кирил и Методиј и Св. Преображение, организираат велигденска хуманитарна акција.

Во препознатливите црвени кутии граѓаните од утре до Цветници ќе можат да донираат средства, со кои потоа ќе се набават пакети со храна и средства за хигиена за сиромашните семејства.

Покрај парични средства граѓаните можат да донираат и нерасиплива конзервирана храна.

Од црковниот одбор при Стара црква очекуваат како и минатата година и оваа да направат околу 130 пакети, кои ќе значат многу за нашите сограѓани кои немаат доволно.

Ајде сите заедно да помогнеме и да го донесеме празничниот дух на сечија трпеза и во сечиј дом. Велигден е празник кој треба да обединува и да зближува. Само со меѓусебно помагање, сакање и почитување ќе покажеме дека го славиме Божјото чудо и го следиме Божјиот пат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.