По повод Денот на државноста на Република Хрватска, во Културно-информативниот центар (Офицерски дом) во Битола се одржa свечен настан во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола. На почеток после хрватската и македонската химна, гостите ги поздравија др.спец. Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскиот културен центар, Стјепан Домјанчиќ, воено аташе при Хрватската амбасада во Скопје.
„ Ги поздравувам сите присутни и гости на оваа манифестација, ден кога се одбележува еден датум значаен за хрватската историја“, изјави Маретиќ, и додаде: „Ден кога хрватскиот Парламент донесе одлука во 1991 година да се одвои од бивша Југославија и да се започне процесот на самостојна република Хрватска и ден кога е конституиран првиот демократски повеќе партиски Парламент на Хрватска. Денес ги славиме првите 35 години суверенитет на модерна демократска Хрватска, земја членка на ОН, Европа и НАТО. Oваа година ја одбележуваме и 1100-годишнината од Хрватското Кралство. Без познавање на сопствената историја и корени, ниеден самосвесен народ не можел да преживее на историската сцена, и затоа посебно им оддаваме чест на бранителите и на првиот претседател, д-р Фрањо Туџман.
Нашето здружение „Марко Марулиќ“ е основано кратко по тие историски 1990-ти, во 1994 година, фокусирајќи се првенствено на културни активности и зачувување на националниот идентитет, јазикот, културата, уметноста, фолклорот, музиката, но и на духовните вредности на хрватската нација, негувајќи ги и развивајќи ги хрватско-македонските врски и меѓусебните односи меѓу двата пријателски народи“. Военото аташе на РХ истакна дека му е мило што Маретиќ секогаш подготвува вакви манифестации за важни хрватски датуми, со уметничка програма.„Мислам дека нема подобар начин од тоа еден народ да се претстави преку уметноста, нема подобар начин како луѓе да се изразиме како преку уметноста“.
„Културните посети и соработки на Хрватскиот културен центар траат повеќе години, односно над 30 години организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција. Оваа година покрај многубројните проекти, горди сме на двата потпишани Меморандуми на соработка и тоа со Битолскиот театар и Битолската библиотека, институции важни за македонската култура, а кои одбележаа 80 години постоење“, речемНеда Маретиќ, одговорна за односи со јавноста на Хрватскиот културен центар и информираше дека „Клапското пеење е заштитено од Унеско, како нематеријално културно наследство на Хрватска, па затоа се одлучивме за претстацување на Клапа во Битола“.
Програмата понуди богата уметничка содржина. Препознатливиот далматински мелос, во Битола го пренесе далматинската женска клапа „Виоле“ од Дрвеник и женскиот хор „Градац“ од Општина Градац, Хрватска, настапија учениците од Државното музичко училиште – Битола како специјални гости и тоа: Лина Димовска и Мила Нечовска, а гостите ги пречекуваа девојки од КУД. Илинден во хрватски народни носии. Како дел од програмата беше и рецитацијата за Далмација на Ивана Пудар Пеќар.
Клапата Виоле е основана во 2001 година и оваа година одбележуваат 24 години непрекидна работа. Ја негуваат изворната и компонираната клапска песна. Женскиот хор Градац е основан во 2007 та година .
Репертоарот им е составен од класични композиции, духовни и световни од сите музички периоди, со посебен акцент на хрватската изворна музика и домашните композитори, односно далматинските народни и концертни песни како и обработките на песни на познатите хрватски композитори. И двата состави се под раководство на Ивана Андријашевиќ.
„ Нашата соработка со Хрватскиот културен центар трае од 2016 година, веќе по трет пат сме во Битола, и со голема радост доаѓаме, од срце му заблагодарувам на господинот Маретиќ на поканата и гостопримството. Секаде каде гостуваме се трудиме да ја презентираме нашата музичка култура, традицијата на клапското пеење. Доста се трудиме околу програмата посебно кога гостуваме надвор од Хрватска, бидејќи сакаме нашите домаќини да го доживеат тој медитерански, далматински мелос, кој е близок до македонската култура, бидејќи Македонците како и Далматинците се доста музикални, емотивни“.
Во своето долгогодишно делување и клапата и хорот реализираа бројни настапи на поважни манифестации и фестивали, концерти, смотри, меѓународни натпревари во Хрватска и странство.
На крај заедно и подарија на публиката македонска песна „Брала мома капини“.
Публиката имаше можност да ја проследи и изложбата на фотографии „Хоризонти“ од авторката др.сц. Блага Петрески од Сплит. Таа е професорка, односно советник по ликовна уметност и култура, но и раководител на Агенцијата за образование и воспитување, подружница Сплит, излагала на повеќе самостојни и групни изложби во Хрватска и надвор од неа. Цела оваа програма беше заокружена со гастрономската понуда на гостите од Хрватска, кои за присутните подготвија препознатливи хрватски ликери, домашни колачиња, специјалитети карактеристични за Далмација, а потоа дружењето продолжи во ресторанот Премиер Центар.
Во текот на изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови, ги одбележа сите позначајни празници и датуми на РХ, организираше гостувања на актери, музичари, КУД-ови, групи, делегации од Македонија во Хрватска и обратно, се со цел збогатување на културниот мозаик на Битола, како и поголема соработка на двете пријателски земји. Настанот беше организиран во соработка со Културно-информативниот центар Битола, Општина Битола, Државното музичко училиште, Сплитско Далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Република Хрватска.
Фотографии: Ивона Кочов