Над 500 декари државно земјоделско земјиште во прилепското село Канатларци кое со децении се користело како пасишта за над 10.000 овци и за кое селаните уредно си плаќале пашарина, деновиве е мета на невидена узурпација од неколкумина мештани – објави “ТВ АЛФА”.
Канатларчани обвинуваат дека станува збор за луѓе блиски до власта, кои ноќе во време на полициски час со трактори ги орале парцелите.
“Преку ноќ ја изорале парцелата која е државна. Ние неколку пати ние сточарите собиравме пари и плаќавме”, вели еден од жителите.
Жителите бараат мерки и казни, а не на кој што ќе му текне да влегува во парцелите и да ора.
Уплашени дека нема да имаат каде да ги напасуваат овците кои им се егзистенција, тие се пожалија и на незаинтересираноста на општината.
“Ова е пасиште, ние го плаќаме 30 години, не од денеска. Од 90-та година ние си го плаќаме ова, но ние немаме никаква помош од општината. Бевме вчера таму, а тие не праќаат де овде, де онде…”, вели жител од Канатларци.
Жителите велат дека се обратиле и до подрачниот раководител на министерството за земјоделство, Зоран Пачешкоски, кој им рекол дека работата ќе се среди, но тракторите одново влегле во парцелите, а полицијата одновно интервенирала.
Некои од нив се гневни на властите за двојните аршини на казнување.
Еден од жителите вели дека изорал државно земјиште и бил казнет со 2000 евра за 7 декари, а исти такви казни немало за луѓето кои ги орале пасиштата.
“Луѓето сакаат да има правила, ова се’ што гледате се заградија иако е државно. Тие се на власт и сега мислат којзнае кој се, а никој и ништо не се. Луѓето само молчат, молчат, молчат, ама до тука му дојде”, вели друг жител од Канатларци.
Од подрачната канцеларија на министерството за земјоделство за “АЛФА ТВ” потврдиле дека во Канатларци има проблем со узурпацијата на државното земјиште, но според раководителот Зоран Пачешкоски тоа траело со години и дека проблемот не бил во нивна надлежност туку на Инспекторатот за земјоделие, кој пак веќе бил известен од подрачната канцеларија.
Пачешкоски го отфрлил обвинувањатo дека ноќните орања на пасиштата биле со амин од општината, нарекувајќи ги шпекулации.
Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”