Доколку не е спречен или отсутен, а видовме дека не е ни едното ни другото, Талат Џафери е должен да ја води седницата.
А Уставот не остава можност за прашањето за недоверба кое е поставено и за кое седницата почнала со потребното мнозинство, да не се гласа.
Откако претседателот на Собранието Талат Џафери ја напушти седницата на парламентот која почна со присуство од 61 пратеник, вклучувајќи го и спикерот кој и самиот е пратеник, настана ситуација која може да се протолкува како обид за „уставен пуч“.
Ова за Плусинфо го коментира добар познавач на работата на Собранието и на Уставот.
– Седницата на Собрабнието почна согласно со член 69 од Уставот, бидејќи имаше мнозинство од вкупниот број пратеници. Претседателот на Собранието Талат Џафери исто така е пратеник. Сите видовме дека тој ја отвори седницата, дека не е спречен или отсутен. Според тоа, тој е должен да ја води седницата – вели нашиот извор.
Согласно член 71 од Уставот, на седницата на Собранието претседава претседателот на Собранието. Во случај на спреченост или отсустност на претседателот на Собранието, го заменува еден од потпретседателите на Собранието.
– Доколку не е спречен или отсутен, а видовме дека не е ни едното ни другото, Талат Џафери е должен да ја води седницата. Во минатото имаме случај кога претседател на Собранието, кој се обидел да избегне од својата должност, бил повикан да дојде да ја води седницата – објаснува нашиот извор.
По чудната одлука на пратеникот на Беса Кастриот Реџепи да не присуствува на седницата и да не гласа за недоверба на Владата, опозицијата во овој момент, пред продолжението на седницата, има 60 пратеници. Што ќе се случува со седницата?
Ако останат 60 пратеници во салата, можно е да се случи да биде поставено прашањето дали Собранието може да продолжи со работа. Но, трикот е во тоа што ова прашање може да го постави само пратеник. Под претпоставка тој пратеник да биде од поддржувачите на власта, тој би требало да влезе во салата и во тој момент тој самиот ќе направи кворум од 61 пратеник, доволно Собранието непречено да продолжи да работи.
– Независно од ова, Уставот е јасен. Тој вели дека гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба. Уставот не остава можност за прашањето за недоверба кое е поставено и за кое седницата почнала со потребното мнозинство, да не се гласа. Дали ќе го има потребното мнозинство од 61 глас на владата да ѝ се изгласа недоверба е друго прашање. Но, гласањето мора да се овозможи – вели нашиот извор.