Груевски: Ќе се почне со загарантирано вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии, секоја година

gruevski-press

Зборот е збор и има вредност само доколку се испочитува. Ветувањето има вредност ако се преточи во дело. Нашите ветувања се цврст договор со граѓаните.

Ова денеска го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по што објави нови мерки кои се во корист на младите лица од Република Македонија.

-За два месеци излеговме со 14 значајни ветувања за младите, тие се нашиот фокус и еден од нашите најзначајни приоритети. Секоја инвестиција во младите луѓе е инвестиција во својата иднина и во обезбедување на капитал кој е трајна вредност која се исплати неколкукратно. Сите мерки и проекти стануваат реалност. Со нас знаете дека сте на сигурно и дека ветеното ќе го реализираме. Одмереноста е одлика на сериозноста со која ние постапуваме, но и искрениот однос кој го имаме. Денес дозволете да објавам нови проекти за младите кои имаат реална и конкретна вредност. Вработување на 100 најдобри студенти на додипломски студии, автоматско, законско, директно вработување. Најдобрите 100 веднаш по комплетирање на образованието ќе добијат работа и сигурна егзистенција, најсилен поттик на оние кои инвестирале во своето образование. Од секоја учебна година стоте најдобри кои дипломирале на државни универзитети во Македонија ќе бидат вработени во јавната администрација, акционерски друштва. Ќе се подготви методологија за рангирање согласно просечната оценка во текот на студирањето и ќе има околу 70% удел во конечно рангирање. Поседување на меѓународен сертификат за трите најчесто користени јазици на ЕУ издаден од официјален европски тестатор ќе има удел од 20% во рангирање. Трет критериум ќе биде брзината на завршување на додипломските студии. Во предвид ќе бидат земени најдобрите од петте најдобро рангирани универзитети во Македонија. Секоја година од прво рангираниот 30 најдобри, второ рангираниот 25, трето рангираниот 20, четврто рангираниот 15 и петто рангираниот 10 студенти. Во критериумите ќе биде и елементот на тоа колку испити има положено студентот кај професор што има повеќе од 2 објавени труда во меѓународни списанија со импакт фактор, истакна Груевски.

За оваа цел ќе се измени и дополни законот за административни служебници и други посебни закони во кои ќе се предвидат критериумите за најдобри студенти.

Проектот ќе се реализира во соработка со Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, какои Министерството за образование на Република Македонија и ќе се применува од август 2017 година,а ќе се врши селекција еднаш годишно.

Оваа мега мерка ќе биде сериозен стимул за најдобрите студенти кои се посветиле за образованието, клуч за успех во животот на секој поединец и негов најголем капитал.

Ќе имаат сигурна егзистенција и ќе може да ја градат својата иднина во Република Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.