ГРУЕВСКИ: По неколку децении инвестицијата на Broadstone Defense ќе биде прва поголема фабрика во Македонски Брод, со 200 вработувања

Ме радува што денеска имаме промоција на инвестицијата и плановите за развивање на американската компанија Broadstone Defense која ќе инвестира во Македонски Брод. По неколку децении ова ќе биде прва поголема фабрика во Македонски Брод која ќе донесе економски развој, нови вработувања и обезбедување на сигурност на 200 вработени, а планот е почетокот на градба да започне кон крајот на овој месец, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

nikola-gruevski-1

„Американската компанија од Вашингтон, САД, во Македонија ќе произведува муниција, огнено оружје, панцири и слично за потребите на Американската војска и НАТО земјите. Објектот ќе се гради на земјиштето кое е со површина од 10 хектари, а го купија на електронска аукција. Ќе се изградат 5 хали за производство, како и дел за складирање и административна зграда. Според истиот план, се очекува да завршат со градба до крај на мај 2017-та година и да започнат со тест производство, за од јули 2017-та година да почнат со редовно производство.

Се работи за сериозна компанија за која се ангажирани значајни лица и експерти од САД . Тоа го потврдува и присуството и ангажманот на американскиот генерал Џоунс кој по завршувањето на воената кариера вршеше значајни функции во политиката и бизнисот. Генералот Џоунс беше советник за национална безбедност на претседателот на САД, Барак Обама и претходно ангажиран од администрацијата на Џорџ Буш како специјален пратеник за Блискиот Исток за решавање на израелско-палестинското прашање. Воедно генералот Џоунс беше член на бордовите на реномирани компании како што се Boeing, Chevron, General Dynamics, што само ја потврдува сериозноста на инвестициските планови.

Оваа нова фабрика ќе обезбеди сигурност на нови 200 семејства и ова ќе биде исклучително важно за економскиот развој на регионот каде и досега имаме видливи резултати. Во периодот додека ја имаме довербата од граѓаните, успеавме да ја зголемиме вработеноста во Македонски Брод за над 60 отсто, во 2000-та година додека СДСМ беше на власт работеа 996 лица, а сега вработеноста е зголемена и изнесува 1790 луѓе кои редовно одат на работа. Но, ние не застануваме тука и продолжуваме со нашата работа и остварување на зацртаното. На оваа инвестиција се работеше подолго време, а исклучителен придонес даде ангажманот и посветеноста на министерот за одбрана Јолевски кој заедно со луѓето од Министерството за Одбрана беше во интензивна комуникација со компанијата, а свој придонес дадоа и заменик директорот на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот Ивана Николиќ, економскиот промотор во Вашингтон Оливер Ристиќ како и градоначалникот на Македонски Брод Милосим Војнески.‎ Веќе има и почетни најави и за други вложувања.

Вака се сака Македонија, ова е реалниот живот и реалните потреби на граѓаните на кои нудиме решенија и проекти. Народот многу добро знае дека ние тоа што го ветуваме и го остваруваме, затоа што за разлика од нашите политички конкуренти имаме минато исполнето со проекти и дела. Секогаш кога нудиме нешто, кажуваме и како ќе го направиме. Тоа ни го дава кредибилитетот да направиме уште многу повеќе. Македонија мора да оди напред, нашата борба е борба за подобра иднина, за решавање на проблемите со кои граѓаните се соочуваат, за силна Македонија, економски напредна суверна и стабилна.“-објави Груевски на Фејсбук.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.