Груевски од Прилеп: Повисоки пензии за 10,25 проценти и други проекти за пензионерите

Зголемување на пензиите за најмалку 10,25 отсто во наредните четири години, продолжување на проектите за бесплатна бањско-климатска рекреација, бесплатен викенд и бесплатен воз, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во четвртата Изборна единица на коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Груевски на денешната средба со пензионерите од Прилеп.

nikola

За прилепските пензионери рече дека во новата Програма е предвидено изградба на дневен центар за повозрасни лица што треба да почне да се гради во периодот од јули до септември 2017 година, во 2019 година е предвидено отворање на Дневен центар за возрасни лица со најтешки проблеми, како и реконструкција на Домот за стари лица во Прилеп „Киро Крстески Платник“.

– Во новата Програма е предвидено и бесплатна вакцинација за грип на лицата со помали пензии, како и за лицата над 65-годишна возраст кои не се корисници на пензија. Предвидени се и денови за попусти за пензионери во одделни маркети, како и продажба на стоки и услуги на рати и тоа стоки за широка потрошувачка, лекови и медицински помагала и огревни дрва, рече Груевски.

Потсети дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ веднаш по доаѓањето на власт биле пензионерите и нагласи дека просечната пензија во 2006 година изнесувала 4.330 денари, а сега е 8.241 денар, односно има зголемување за 90,32 отсто, а кај просечната пензија зголемување е за 70,29 отсто, односно од 7.683 денари пораснала на 13.085 денари.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека услугата за бесплатно бањско лекување која се состои од шест полни пансиони, еден задолжителен преглед, бањска терапија и бесплатен превоз досега ја искористиле 36.700 пензионери, од кои 2.000 од Прилеп. Годишно во наредните четири години се планира по 5.500 пензионери да ја користат оваа услуга или најмалку 22.000 за наредните четири години. Бесплатен туристички викенд, како што кажа, кој е воведен минатата година, а се состои од платен превоз, ноќевање и два полни пансиони искористиле 3.000 лица, од кои 200 од Прилеп, во 2017 се очекува да искористат уште 3.000 лица, а во 2018, 2019 и 2020 година по 4.000 или нови 15.000 во наредните четири години.

Ќе продолжи, како што кажа, и услугата за бесплатен превоз со воз на сите мажи над 64 и жени над 62 години секој втор викенд во месецот и во наредните четири години.

Потсети дека во последниов период е извршено намалување на цените на 4.800 лекови, на некои од нив, како што рече, дури и за 90 отсто.  – Со оваа услуга, граѓаните, а меѓу нив и пензионерите заштедуваат по 33 милиони евра годишно, рече Груевски и ги потсети пензионерите дека имаат и 50-отстотен попуст при посета на културни институции.

Прашан дали се предвидува бесплатен градски превоз за пензионерите и во Прилеп, градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески истакна дека градскиот превоз во Прилеп е во зародиш и оти се планира во наредните две години да се набават нови автобуси по што и оваа услуга ќе им биде достапна на прилепските пензионери.

Пензионерите од Прилеп најмногу се интересираа за намалување на невработеноста на што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им одговори дека во последниве 10 години бројот на работни места во земјава е зголемен за 160.000, од кои во последниве 2,5 години во време на политичка криза се отворени речиси 30.000 работни места, а најави дека во наредните четири години се планира отворање на нови 70.000 работни места.

Во Прилеп, како што посочи, пред една недела е најавена инвестиција на германски „ВИК“ кој планира да отвори 1.000 работни места, „Гентерм“ кој моментално вработува 700 лица, планира нивниот број да го зголеми до 2.200, за еден месец свој капацитет отвора и „Акомплас“, а речиси е сигурно дека и нова американска компанија за производство на автоделови наскоро планира да започне изградба на објект во Прилеп во кој ќе има 600 нови вработувања.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.