Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во рамките на вчерашната посета на Долненско-пелагонискиот крај, го посети манастирот Зрзе каде е завршена повеќегодишната обнова и конечно по повеќе децении е изграден комплетно нов пат кој беше барање на манастирот и жителите.
За ова Владата преку министерството за култура и министерството за транспорт и врски инвестираа 3.1 милион евра.
Изградбата на нови конаци и обновување на старите на манастирот „Св. Преображение” и за археолошки истражувања како проект на Министерството за култура инвестирани се околу 92 милиони денари. За изградба и проширување патот во должина од 7,5 километри, завршен на 15 септември 2015 година беа инвестирани средства во висина од 1 милион и 600 илјади евра.
Археолошките истражувања овозможија да се пронајде ранохристијанска базилика од 4 век, и подоцнежни наоѓалишта кои датираат неколку века подоцна кои покажуваат присуство на учениците на Свети Климент на просторите на Зрзе.
Владиката Климент кој управува со манастирот истакна дека обновата и изградбата на патот помогна за значително зголемување на бројот на посетителите.
Истовремено во текот на вчерашниот ден започна и обновата на опожарениот манастир Трескавец во Прилеп.
Министерството за култура обновата на опожарените конаци ја финансира со средства во висина од 2 милиони евра.Пред двеипол години таму беше изграден комплетно нов пат за што беа инвестирани дополнителни 1.4 милиони евра.