Во Малата сала на Центарот за култура во Битола синоќа беше отворен 33. Интернационален фестивал на аматерски документарен филм, во присуство на учесниците, жирито и љубителите на документарниот жанр.
Фестивалот го отвори Стефан Хаџиантоновски, претседател на кино-клубот „Студио Милтон Манаки“, кој потсети дека годинава се одбележуваат 120 години од купувањето на легендарната „Камера 300“ и снимањето на првиот документарен филм на Балканот – филмот за баба Деспина, снимен во 1905 година.
На фестивалот пристигнале 28 филмови, од кои 12 се натпреваруваа за награди.
Главната награда, Гран при, ја доби Ема Зафирова од Велика Британија (по потекло од Македонија) за филмот „Мајчински инстинкти“.
Златната плакета „Камера 300“ ѝ беше доделена на Валентина Андреиќ за „Три манастирски цркви во Куманово“, а сребрениот медал на УНИКА го доби Надица Петровиќ за „Макраме“.
Плакетата, која традиционално ја доделува Општина Битола, отиде кај Франц Моге од Словенија за филмот „Клукајдрвци“, а специјални признанија добија Ноела Нечковска, Љупчо Ристевски и Љупчо Паунковски за своите документарни остварувања.































