Со мерката Самовработување според Oперативниот план за 2017 година предвидено е да се вработат 1.050 невработени лица и отворање на 1000 нови микро претпријатија.
Сите невработени лица кои се регистрирани во АВРМ веќе од денес па во наредните 10 дена ќе може да аплицираат во 30-те центри за вработување низ Р. Македонија за добивање на грант од 4000 евра. Од оваа година неповратите средства за отворање на сопствен бизнис се зголемени за 1000 евра.
Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистрирање на дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на започнување на бизнисот.
-За реализација на секое самовработување се предвидува поддршка со неповратни средства во висина од 263.940 денари од кои 246.000 денари во вид на директна поддршка за набавка на опрема или материјали, додека 17.940 денари се наменети за поддршка во вид на основна обука за претприемништво и водење бизнис. Ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите, рече Ибрахими.
Со програмата за само вработување лицата кои ќе отворат свој сопствен бизнис ќе имаат можност да вработат и дополнително уште едно лица за кои што ќе добијат дополнително средства од 92.000 денари со услов да го задржат на работа најмалку 12 месеци.
-338.000 денари ќе бидат доделени во вид на директна поддршка за набавка на опрема, додека останатите 17.940 се наменети за поддршка во вид на основна обука за претприемништво и водење бизнис во времетраење од најмалку 30 часа, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите, истакна Ибрахими.
Покрај оваа мерка корисниците на програмата Самовработување ќе имаат можност да ги користат поволностите и од проектот „Македонија вработува 2“.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека оваа е веќе 11 по ред оперативен план откако се спроведува мерката за самовработување. Тој посочи дека лицата најпрво ќе добијат неколку часовна обука за пополнување на прашалникот, по што ќе следува обука за претприемачи.
-Првата селекција се врши врз основа на пополнетиот прашалник , а по завршената обука за претприемништво следува добивање на ваучер со кој што ќе изберат еден од експертите кои што ги нуди Агенцијата за претприемништво на Р.М на нивниот веб сајт со кои ќе изработат бизнис план кој понатаму ќе биде оценет дали ги исполнува критериумите и дали е оддржлив бизнис, рече Поповски.