Во саботата во пингпонгарската сала “Партизан”се одигра заостанатиот натпревар од 11-то коло од Супер лигата во пинг-понг помеѓу градските ривали ППК Младост96 и ППК Младост. Победата во натпреварот им беше неопходна на двете екипи,за осигурување на Суперлигашкиот статус.
Во одлична атмосфера во присуство на 30-тина гледачи се одигра одличен и натпревар со висок квалитет. Екипата на ППК Младост96 извојува тесна победа од 5-4 и со тоа се реваншираа за поразот од есенскиот дел на првенството кога исто така заврши со победа од 5-4 за ППК Младост.
Во победничката екипа сите тројца пингпонгари одиграа на високо ниво но многу битни во натпреварот беа победите на Александар Рикалоски и Александар Штаргоски со многукратниот сениорски првак на Македонија Миле Петрески. Во деветтата последна и решавачка партија Антонио Стомнароски со 3-1 во сетови го победи исто така една од легендите на овој спорт во Прилеп, искусниот Петар Јованоски. Рикалоски и Штаргоски извојуваа по две победи а Стомнароски една.
Во поразената екипа без изгубен натпревар со три победи беше Јочкоски,но и покрај одличната негова игра не беше доволно неговата екипа да извојува победа. Покрај спомнатите играше и Зоран Јованоски кој имаше два порази.
Младите пингпонгари на ППК Младост96 покажаа со оваа победа дека во Прилеп има пингпонгари кои достојно ќе ги заменат искусните и одлични легенди. Ова е четврта победа по ред на ППК Младост96 во пролетниот дел каде имаат само еден пораз. Со освоените нови два бодови на табелата во Супер лигата ППК Младост96 се зацврсти на 5-та позиција со 10 бодови, пред ППК Младост со 6 бодови и на последните две места се екипите на ППК Телеком Нец и ППК Радовиш со по 4 бодови. До крајот на првенството има уште две кола. Во подолен ранг испаѓа една екипа а претпоследната игра бараж за опстанок во лигата со второпласираната екипа од Првата лига. Во наредното коло екипата на ППК Младост гостува во Скопје на претендентот за освојување на титулата екипата на Работнички.
Рикалоски повтоно најдобар
После победата во саботата во лигата против градскиот ривал, Александар Рикалоски, во неделата настапи и на вториот овогодишен турнир за младинци Здравје Радово и повторно беше најдобар. Како и на првиот турнир така и сега ги совлада сите противници и со победата во финалето против Методи Бужаровски од ППК Рисови -Скопје со 4-3, се искачи на највисокото место и освои најмногу бодови за ранг листите во оваа категорија.
Во групната фаза Рикалоски извојува три победи со по 3-0 ,во 1/4 финалето беше подобар од Иванов од Виница со 4-0 исто како и во полуфиналето со Дамјан Стојчев од ППК Шампиони -Штип.На трето место се пласира Филип Костадиновски од ППК УГД-Штип кој во борбата за трето место беше подобар од Стојчев со 4-0. Со освојувањето на турнирот, на ранг листата го дели првото место со Филип Костадиновски со по 25 бодови а на третото место е Бужаровски со 23,5 поени.
Останува уште еден турнир ТОП 8, на кој ќе играат само најдобрите 8, после кој ќе се добие конечниот редослед во Младинска конкуренција.Тие тројца ја сочинуваат и репрезентацијата на Македонија на претстојните првенства на кои репрезентацијата ќе учествува. Наредната сабота Рикалоски и Христијан Иваноски ќе учествуваат на турнир Здравје Радово во сениорска У21 категорија каде Рикалоски е на чекор и во таа конкуренција да обезбеди влез во репрезентацијата на Македонија.