Првачињата од основните училишта во општина Битола денес ја започнаа својата голема „Училишна приказна“. Во Градскиот парк, кој блескаше од детска насмевка и возбуда, Општина Битола во соработка со ЈП Паркинзи, Зоолошката градина, Културно-информативниот центар, Црвениот крст, СВР Битола, БиМилк и Пелистерка, подготви посебен настан исполнет со подароци, креативни активности и многу радост.
Паркот одекнуваше со детска песна и игра, настапи на ученици од битолските училишта и учесниците на фестивалот СИДО. Бесплатното возење со возот „Мечо“, дружбата со маскотите, Кловнот Заги и „Моја Кравица“ создадоа незаборавни моменти за секое дете, оставајќи трага на едно убаво и топло сеќавање за почетокот на училишниот пат.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, упати искрена честитка до сите првачиња, истакнувајќи ја важноста на овој ден – ден кога се слават првите училишни чекори, новите пријателства и големата желба за знаење.
„Драги првооделенци, со голема радост ви го честитам почетокот на вашето училишно патување. Денеска ја отворате вратата кон светот на знаењето, пријателството и новите предизвици. Во училишните клупи ќе научите да читате и пишувате, да се дружите и да ја откривате убавината на науката и животот.
Ве охрабрувам секогаш да бидете љубопитни, да прашувате и да сонувате големи соништа, бидејќи знаењето е клучот кој ги отвора сите врати. Вашите наставници и родители ќе бидат тука да ве поддржуваат, а вие бидете вредни, упорни и насмеани.
Ви посакувам многу успех, среќа и безгрижни училишни денови исполнети со другарство и радост. Нека секој ваш ден во училиштето биде нова авантура која ќе ја паметите со љубов.
Воедно, сакам да им посакам успешен и среќен почеток на сите ученици од повисоките одделенија и класови. Продолжете со истата енергија, љубопитност и желба за учење – секоја нова учебна година е ново поглавје во вашата приказна, исполнета со предизвици и можности за раст и напредок“, порача градоначалникот Коњановски.
Со настанот „Училишна приказна“, Градскиот парк блесна со прекрасна енергија на радост и нови почетоци – токму онака како што им доликува на најмладите ученици од Битола.