Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп набави 10 нови компјутери за интернет клубот кој се наоѓа во оваа установа. Проектот чини 160.000 денари, а парите се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Сега корисниците во библиотеката ќе имаат пристап до побрз интернет и подобри услуги.
„Во рамките на своите активности и во рамките на збогатување на услугите кои ги нуди библиотеката набавивме 10 нови комјутери во интернет клубот, инвестиција вредна 160.000 денари, исто така поставивме и изложба на стари фотографии на Прилеп на горниот дел од читалната, инвестиција 90.000 денари и мислам дека тоа е навистина една уникатна изложба на која се претставени старите моменти од историјата и традицијата на Прилеп.“, рече Петар Петрески, директор на градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп.
Интернет клубот претходно беше збогатен и со аквариум и цветна градина за да читателите се чувствуваат подобро во својот престој тука.
„Ова е еден од многуте проекти кои се реализирани во градската библиотека „Борка Талески“, комјутерите ќе бидат бесплатно достапни за сите кои ќе дојдат тука во библиотеката, но и да прочитаат дел од богатиот фонд на книги кој го има библиотеката. Би споменал дека досега со реконструирањето на читалната, на интернет клубот, исто така со реконструкцијата на просторијата каде се одржуваат голем број на презентации и со сите овие инвестиции оваа библиотека станува најмодерна библиотека на ниво на Македонија“, кажа Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Досега во библиотеката биле инвестирани неколку милиони денари, а понатаму во план било да се зголеми магацинскиот простор за книги, бидејќи се повеќе се набавувале нови наслови.
Шесте стари комјутери од интернет клубот, кои биле во одлична состојба, ќе им биле подарени на невладини организации кои ќе имале потреба за тоа и кои ќе доставеле барање за комјутер до локалната самоуправа во Прилеп.