Градоначалникот на општина Струмица повторно побара враќање на платите на избраните функционери на поранешно ниво, односно пред фамозното покачување за 78%.
Тој на социјалните мрежи напиша дека не го земал ова покачување, не користел службено возило и не користел патни трошоци.
ФБ статусот на Костадинов го пренесуваме во продолжение:
Не се откажувам од мојот предлог за намалување на платите на избраните и именуваните функционери, особено во ова време кога поради високите животни трошоци граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
И ќе го повторувам се додека не биде прифатен и реализиран, затоа што со оваа мерка ќе направиме многу за граѓаните кои не избраа и веруваа во нас.
Јас се откажав од зголемувањето на платата кога на јавно избраните функционери им се зголемија платите за 78%, не зимам дневници и се возам со приватно возило.
Во прилог приложувам известување од Секторот за финасиски прашања.
Почитуван Градоначалник Костадин Костадинов, на Ваше барање во име на Секторот за финасиски прашања Ви ги доставуваме следните иформации:
1. Во однос на користење на патни и дневни трошоци за патување во земјата и странство изјавуваме дека за патување во земјата не се изготвуваат налози за патување и не се исплаќа дневница ни на Вас ниту на Вашиот возач. За патување во странство се изготвува налог и решение за патување во странство, но во овие документи потпишани од Секретарот на општината, нагласено е дека се откажувате од дневниците за соодветното патување.
2. Во однос на користење на службено возило за патување во земјата и странство изјавуваме дека не користите службено возило туку приватно.
3. Во однос на Вашата плата го изјавуваме следното:
– Со Вашето стапување на должност од месец ноември 2021 година Вашата плата е пресметана согласно важечкиот коефициент од 3,2.
- Со Одлука на Уставен суд со кој се укина одредба од Законот за плати за коефициентите на плати која била донесена во 2012 година, а оспорена од адвокат, со која се овозможи на јавно избраните функционери да им се зголемат платите за 78% Вашата плата на Ваше барање не беше зголемена иако имавте право да се постапи согласно Одлуката.
- Со измените во Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (Сл. Весник бр 51 од 29 февруари 2024 година се намалува Вашиот коефициент од 3,2 на 2,79 и при тоа е направено усогласување на Вашата плата со истовремена промена на основицата која се користела дотогаш од 26.755,00 денари со основицата на просечната плата исплатена во 2023 година од 36.614,00 денари и при тоа платата ви е зголемена од 59.485,00 денари на 70.790,00 денари односно за 11.305,00 денари.
- Со измените во Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија (Сл. Весник бр. 272 од 27 декември 2024 година се намалува Вашиот коефициент од 2,79 на 2,47 но при тоа не е направено усогласување на Вашата плата со истовремена промена на основицата од причина што основицата за просечна плата исплатена на ниво на Македонија за претходната односно за 2024 година официјално се уште не е објавена.
Од срце за мојата Струмица!