Градоначалникот одново не ги прими коледарчињата, нешто што во минатото беше традиција (ФОТО)

Фото/printscreen/infokompas.com.mk

По повод Бадник денеска во Прилеп по 5-ти пат се одржа Бадниковата поворка. Дечињата носејќи ја макетата на пештерата во која се родил Исус Христос тргнаа од црквата „Свети Кирил и Методиј“ – Параклис и пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ се прошетаа низ чаршијата и прилепскиите улици.

Како и ланската година и оваа, коледарчињата не ја посетија општина Прилеп и не добија подароци, нешто што беше традиција во изминатите години.

Прилепчани паметат дека 200 деца од Бадниковата поворка ниту ланската година не беа примени во општината со изговор дека “Традицијата треба да се култивира, а не да се примитивизира”.

 

Градскиот татко на Прилеп одби да ги прими бадникарите – не бил Дедо Мраз и бил неработен ден!?

Градоначалникот тогаш се повика на уставната секуларност на општината и функцијата градоначалник и верските традиции ги остави на МПЦ како институција.

Сепак, прилепчани беа и сведоци дека Јованоски не е толку секуларен колку што се прави. Пример за тоа беа празничните честитки кои градоначалникот ги упати за Велигден, Божиќ и други христијански празници.

Традицијата на бадникови поворки е нешто што се возобнови во изминатите години.

Според свештеникот Веле Спиркоски од црквата „Свети Кирил и Методиј“ – Параклис од Прилеп, ова било стара традиција која полека се возобновувала кај народот. Со ваквите иницијативи тие како црква се бореле против паганските елементи во одбележувањето на одредени празници и го покажувале вистинскиот начин како тие треба да се празнуваат.

Претходната локална самоуправа на чело со тогашниот градоначалник Марјан Ристески, редовно ги пречекуваше дечињата предвесници на Христовото раѓање и им даруваше пакетчиња.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.