Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, вчера ги посети манастирите „Св. Илија“ во н.м.Кален и во н.м.Витолиште, во Мариово, каде присуствуваше на богослужбата по повод големиот верски празник Св.Илија.
Овие два манастири, на овој голем ден за Македонскиот народ и за православните христијани беа посетени од голем број верници, кои се помолија за здравје и благосостојба. При оваа посета на манастирските комплекси кои го носат името на денешниот светец, во овие две населени места во Мариово, градоначалникот истакна:
„Илинден и АСНОМ се темелите на поставувањето на оваа денешна Македонија, самостојна и независна, за која се бореле нашите предци. Многу борци, многу револуционери го дале својот живот за оваа денешна Македонија и тоа треба максимално да го почитуваме.
Нашата денешна борба како Македонци, е да го зачуваме суверенитетот и интегритетот на Р.Македонија.“ рече тој.
Воедно на овој ден, на сите Македонци и верници тој им посака просперитет и им го честита големиот национален празник Илинден.