Новинарот Фуркан Салиу, објави видео од изјава на градоначалникот на Крива Паланка за “TВ KЛАН”, каде тој брусењето на сонцето од Кутлеш на плоштадот “Kaрпошово востание” го правда со тоа што “на ниту еден симбол не му доликувало да биде на земја и да биде газен”.
– Симболот ќе биде заменет со општинскиот грб, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Сонцето на плоштадот се брусеше во текот на полицискиот час вчера, а Мицевски за оваа постапка која патем предизвика бура реакции кај јавноста, се обрати и на Фејсбук.
Во своја одбрана тој се повикува на Преспанскиот договор и неговите одредби.
Тој напиша:
Во однос на симболот на поранешното знаме (Сонцето од Кутлеш), државата има преземено обврска уште во 1995 година со Привремената спогодба конкретно член 7 став 2, дека нема да го употребува симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции.
Користењето на симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции е регулирано уште во 1995 година.
Во Преспанскиот договор, со членот 8 став 2 се вели дека:
Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.
Во член 8 став 3 од Преспанскиот договор стои дека:
Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме.
Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија“.
Обврските од договорот се имплементираат согласно договорот и предвидената динамика.
Преспанскиот договор создава обврски за државите и јавните институции на двете страни. Тие се задолжени за неговата имплементација.
Непочитување на конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните од страна на државни и јавни институции значи загрозување на витални стратешки интереси на државата.
На 149-тата владина седница беше разгледана и усвоена информацијата за имплементација на член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.
Владата им препорача на единиците на локалната самоуправа да ја почитуваат обврската од член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН и да пристапат кон отстранување на симболот на Сонцето на Вергина од сите јавни места и јавна употреба.
Друга е темата на дискусија на кој начин беа поставени истите на оваа локација и дали уште тогаш не беа повредени чуствата на граѓаните и не се посеа семето на раздорот?
Како јавна површина, за која е надлежна Општина Крива Паланка, на неа ќе се вее само официјалното државно знаме, кое веќе се вее пред седиштето на НАТО, а се надеваме наскоро и пред седиштето на ЕУ – пишува на Фејсбук градоначалникот на Крива Паланка.