Градот под Mарковите Kули денеска го одбележува „Денот на Европа“, 9-ти мај со низа свечености и пригодни манифестации во градот. Градоначалникот Рустески заедно со својата делегација, претставници од Руската амбасада, АРМ, Сојузот на борци и останати граѓани денеска положија свежо цвеќе на Могилата на непобедените. Денеска во сите градови ширум Републикава се одбележува 9-ти мај – Денот на победата над фашизмот и денот на европскиот симбол и идентитетот на Европската Унија. На денешен ден во 1950 година Роберт Шуман го презентирал предлогот за создавање на организирана Европа, како опција за одржување на мирот.
Општина Прилеп со честитка по повод „Денот на Европа“
Општина Прилеп упати честитки до сите граѓани по повод 9 мај, Денот на Европа. Ова е ден кога се одбележува европскиот идентитет и заложбата за заедништво на сите народи на стариот континент. Општина Прилеп напорно работи на полето на подобрување на општествено – економските и социјални услови како предуслов за приближување на нашиот град до европските стандарди. Во таа насока слободно можеме да истакнеме дека сме лидер помеѓу општините во државава во искористување на средствата од ЕУ и ИПА програмата. Нашата општина има голем број успешно реализирани проекти со средства од фондовите на ЕУ, од кои како најголем и најзначаен треба да се истакне проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и санација на дел од канализационата мрежа, вреден 20 милиони евра кој се реализира со средства од ИПА фондовите, од третата компонента – за Регионален развој кој е во фаза на реализација.
Општината својата политика ја насочува и кон искористување на фондовите од втората компомента на ИПА за прекугранична соработка и активно учествува во повиците за предлог проекти со Албанија и Грција, сѐ со цел – успешно искористување на средствата од ЕУ и ИПА фондовите и нивно насочување кон достигнување на нашите приоритети. Само на тој начин ќе можеме да ги достигнеме стандардите на ЕУ и да станеме рамноправни со европските општини.