По повод 1-ви Октомври Светскиот ден на Стари лица, денеска градоначалникот Марјан Ристески и директорката на старски дом Ирена Стерјовска-Локвенец ги посетија: Добрица Ристеска (82 год) и Цена Ѓоргиоска (90 год.) кои се корисници на проектот.
Проектот „Супер Марио“ е наменет за давање социјални услуги на старите и изнемоштени лица, а е во организација на Локалната самоуправа и Домот за стари и изнемоштени лица „Киро Крстески-Платник“. Корисниците посочија дека се задоволни од услугите што ги добиваат од страна на веќе активните волонтери, од негата и вниманието. Домот за стари лица и локалната самоуправа на овој начин обезбедуваат подобри услови за живот на преку 100 семејства на стари лица.
„Супер Марио“, започна да се реализира во ноември месец 2013-тата година и досега, преку проектот се имаат ангажирано 15 волонтери, кои ги посетуваат трипати неделно со задржување кај нив до еден и пол час. Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ ги обучува волонтерите во однесувањето со старите лица и начинот на давање услуги кои им се неопходни.
Сите заинтересирани и стари лица над 65 години може да се пријавуваат во Домот „Киро Крстески-Платник“ или во приемното одделение на Локалната самоуправа на телефонските броеви 048/ 401-720 и 048/428-807 во период од 08.30 до 15.30 часот.
За имплементација на проектот, Општината од Буџетот издвои еден милион и двесте илјади денари во период од 12 месеци.