Овој свет маченик, потекнува од Египет (Мисир), но времето и потеклото не се познати. Се знае само дека неговата мајка била многу грешна, а овој свет млад човек повеќе се молел за нејзиното спасение, отколку за себе. Кога го мачеле удирајќи го со камења и дерејќи му ја кожата, тој се молел на Бога: „Заради овие мои маки, помогни им, Господи, на сите што ќе се помолат за спасението на мојата грешна мајка“. Во Египет, а и кај нас, многумина така и се молат: „Спаси ја, Господи, грешната мајка на свети Фануриј, а и мене, грешниот, помогни ми“. И заради оваа молитва мнозина добиваат помош.
Токму овој светител е избран за заштитник на учениците и студентите, и на неговиот празник служиме молебен пред почетокот на учебната година. Каква врска има светиот Фануриј со образованието? Тој со ништо не покажал дека имал стекнато некакво световно високо образование. Бил обичен војник.
Вистинското образование е да го исчистиме во себе Образот Божји, во нас секој човек да го препознае Образот Божји, во нашите дела да препознаат христијански дела, а особено по љубовта да нè препознаат и признаат дека сме Христови. Токму такво возвишено образование имал светиот Фануриј, и затоа денес, славејќи го неговиот свет спомен, се молиме Господ да ги просвети умовите на сите ученици и студенти, да слезе врз нив Светиот Дух, Кој некогаш од простите рибари, направи премудри апостоли, кои со својата Божествена мудрост ја просветија и преобразија сета вселена, па така и во денешните ученици да го запечати Образот Божји во нив, да ги охристови и насочи кон Христа.
Исто така, мора да нагласиме, дека световното образование, петките на учениците и десетките на студентите, не се од пресудно значење. Многумина одлични ученици и студенти стануваат вистински ѕверови, дури и кон своите родители и некогашни другари, кога ќе добијат високи општествени позиции. Подготвени се да газат и врз луѓе, само за да си ги остварат своите цели и болни амбиции. Не е грев човек да биде амбициозен, да се бори за успех, но не газејќи врз другите, туку само со својот квалитет, способност и знаење.
Најбитно е децата да созреат и да станат духовно здрави личности, кои ќе имаат љубов и грижа кон своите родители, кон своите роднини, другари и другарки, и кон сите луѓе. Ете, за такво образование да се помолиме, Господ така да ги научи нашите деца, да бидат скромни и благодарни, да имаат љубов кон сите луѓе, да си ја зачуваат чистотата на умот и срцето, да не се валкаат во калта на многуте страсти, гревови и пороци од кои масовно заболува голем дел од младината.
Бог да ги слушне нашите молитви и да ги просвети сите ученици и студенти, та да имаме здрава и стабилна иднина, просветлени лидери, чесни работници, совесни и грижливи идни родители, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.