Го празнуваме Св. Спиридон, заштитник на занаетчиите

Место на раѓањето и на службата на овој славен светител е островот Кипар. Роден е од скромни родители, земјоделци, а и самиот бил и останал скромен и смирен сѐ до својата cмpт. Во младоста се оженил и имал деца. А кога умре жена му, тој сиот се предал на служба на Бога.

Заради неговото особено благочестие бил избран за епископ на градот Тримифунт. Но, тој и како епископ не го изменил својот скромен начин на живеење и околу својата стока и обработката на земјата се трудел самиот лично. За себе многу малку употребувал од стекнатото, поголемиот дел им го раздавал на бедните луѓе.

Со Божјата сила покажал големи чуда: измоли дожд во време на суша, го запре текот на реката, воскресна неколку мртовци, го исцели царот Констанс од тешка болест, ги виде и ги слушна ангелите Божји, проѕираше во тајните на човечките срца, многумина обрати во вистинската вера итн.

Учествувал на Првиот Вселенски Собор во Никеја и со своето едноставно, но јасно исповедање на верата, како и со многубројните моќни чуда што ги извршил, голем број еретици ги вратил во Православието.

Беше облечен толку просто, што кога еднаш, како поканет од царот сакал да влезе во царскиот дворец, војникот мислејќи дека е некој просјак му удрил шлаканица. Кроткиот и незлоблив Спиридон му го завртил и другиот образ.

Откако Го прослави Бога со многубројни чуда и на многумина им покористи поединечно, а и на целата Божја Црква, се упокои во Господа во 348 година. Неговите чудотворни мошти сега се на островот Крф и ден-денес Го прославуваат Бога со многубројни чуда.

Свети Спиридон Чудотворец, познат како заштитник на занаетчиите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.