Го знаеме како зимскиот убавец, но во себе крие безброј тајни: Запознајте се со ботаничкиот потенцијал на Крушево (Фото галерија)

Една од најстарите приказни која Кузман Шапкарев ја запишал во далечната 1894 година ги опишува моќта и знаењето кои Св. Михаил му ги подарил на еден човек да собира одбрани треви и откако ќе ги свари, водата да ја собира во шише, па како лекар да ги лекува болестите кај народот и да стане многу богат. Приказна која изворно ја слушнал од еден Влав во Крушевско.

Причините да се вратите кон старото богатство на лековити тревки, органска храна и заборавени бабини кулинарски рецепти се многубројни. Крушево има вистинска ризница од лековити тревки. А нема подобар лек и подобра превентива од една лесна прошетка низ шумската ладовина која нуди чист воздух, притоа собирајќи лековити билки и шумски плодови.

Македонските планини изобилуваат со низа лековити билки, а од центарот на Крушево кое неизмерно ужива во неговата фантастична местоположба, тие се само на неколку чекори. Во мај или јуни најчесто првата средба е со бледо – жолтеникавите ситни цветови на бозелот (Sambucus nigra).

Доколку сте тука подоцна, во јули, август или септември на нивно место ќе ве пречекаат ситните, тркалезни плодови на бозелот кои се зрели кога ќе добијат црно – сина боја. Чајот е корисен за совладување на настинка и грип, па затоа бргу посегнете да си наберете за претстојните зимски денови. Следен е опојниот мирис на билката чие име најмногу и прилега, мајчината душица (Thymus serpullum). Не може да ја пропуштите. Нејзините ситни светло-виолетови цветчиња подготвени во чај имаат повеќекратно благотворно дејство врз организмот, а може да се користат и како зачин.

Високата борова шума над Крушево е одлична за разладување во пријатната сенка. Но, не дозволувајте да ве занесе височината на дрвјата кои себично сакаат да ви го одвлечат погледот и погледнете надолу каде меѓу зелените ливчиња ѕиркаат малите, црвени, неверојатно вкусни шумски јагоди. Совршена можност за да ја направите разликата помеѓу шумските јагоди и оние кои се продаваат по пазарите.

На овие предели е многу распространета и ајдучката трева (Achillea millefolium), позната и како „тајане“ меѓу крушевските домаќинки. Белите ситни цветови, високо исправени на танкото стебло може да ги наберете во периодот од јуни до август. Лековитите дејства се несомнени и повеќенаменски, а меѓу една од главните употреби на оваа билка е за лекување на рани. Легендата за настанувањето на името, од онаа поврзана со Ахил, па се до ајдуците на овие простори ќе ја слушнете од локалното население.

Глуварчето (Taraxacum officinale) е исто така постојано присутно во Крушевската околина. Ќе го препознаете по жолтиот цвет, растение кое се користи во свежа салата, а грижливите крушевски мајки од него подготвуваат и сируп против кашлица за своите чеда. На овие планински височини ја има и капинката (Rubus fruticosus) од која се прави домашен мармалад и слатко. Околните лединки се богати и со смрека, шипинки, кантарион, папрат, глог …

Постојат најразлични традиционални природни рецепти за справувањето со настинката, бронхитот, воспаленијата на белите дробови, висок крвен притисок, психичката пренапрегнатост, проблемите со бубрезите, простатата……

За крај, откако ќе ги надразните сите сетила, држејќи ги полните кеси со лековити билки, чувствувајќи благ, но неизмерно сладок замор ќе ги наполните очите со воодушевувачка панорамска глетка на цело Крушево.

Билјана Спиркоска




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.