На 12 април 2023 год, Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп, беше посетена од италијанска делегација составена од заменик амбасадорот на Италијанската амбасада во Македонија, Марио Де Роза, претседателот на Конфедерацијата на работодавачи и стопанската комора на Италија (Confindustria) во нашава држава Рикардо Рајноне и Енрико Рајноне – директорот на Конфиндустрија во Македонија.
Делегацијата беше дочекана од професорката по италијански јазик Габриела Пацаноска, од в.д. директорката Весна Михаиловска, од претседателот на Училишниот одбор Николче Богданоски, како и од ученици од нашата Гимназија кои го изучуваат италијанскиот јазик.
На средбата, директорката им изрази благодарност на гостите, што го посетија училиштето и ги запозна со општите податоци за гимназијата како и со податоци за врвните постигнувања на учениците во сите области, кои ја прават прилепската гимназија едно од водечките училишта во државава.
Професорката по италијански јазик во нашата Гимназија Габриела Пацаноска, потенцираше дека нашето училиште е единственото во поширокиот регион во кое веќе 20 години се изучува италијанскиот јазик и дека од училишните клупи на нашата гимназија излегле многу сегашни професори и преведувачи кои продолжиле да ги шират италијанскиот јазик и култура.
Се разговараше и за можностите за соработка со амбасадата во полето на наставата по италијански јазик во основните училишта. Пет години откако со Уредбата од март 2018 година, италијанскиот јазик беше вклучен во наставната програма на основните и средните учлилишта во Македонија како втор задолжителен странски јазик, до денес над дваесет основни и исто толку средни училишта го вклучија овој предмет во наставната програма, а го изучуваат над две илјади ученици.
Италијанскиот не само што е јазик на културата, туку нуди и конкретни можности како на професионален, така и на општествен план, подвлече заменикот амбасадор Марио Де Роза и ја истакна потребата од уште поголема промоција на италијанскиот јазик во училиштата.
Професорката потврди дека неодамна беше усвоена новата наставна програма за 6-то одделение со можност да се изучува италијански јазик.
На средбата се зборуваше и за активностите по предметот италијански јазик, како и за напорите што ги преземаат раководството, училишниот одбор и наставниците насочени кон обезбедување на услови за уредно спроведување на наставната програма, проектните и воннаставните активности во училиштето.
Претседателот на училишниот одбор, Николче Богданоски, истакна дека во училиштето покрај италијански јазик се изучува и латинскиот јазик, а по предметот историја, значителен дел од наставните содржини се посветени на историјата и културата на Италија, поради што кај учениците се раѓа љубов и интерес за таа земја. Тоа придонесува учениците често да ја избираат Италија како релација за неколкудневната завршна екскурзија за трета година. Богданоски посочи дека потребно е да има поголема соработка помеѓу нашето училиште, италијанската амбасада во Македонија и бизнис заедницата на Италија, а тоа го потврдија и гостите.