Во Општина Прилеп се одржа работилница на тема „Одговорен град и заедница“, насочена кон споделување на добри практики од Градскиот совет на Њу Орлеанс, САД, со цел унапредување на транспарентноста, одговорноста и активното граѓанско учество во локалното креирање на политики.
Во рамки на работната посета, во кабинетот на градоначалникот Борче Јовчески се одржа средба со Алисон Поорт, шеф на кабинет на канцеларијата на Дистрикт Б при Советот на Њу Орлеанс, Климентина Ѓорѓиоска, учесничка на Програмата за решенија во заедницата, и Лили Виџинс, заменик директорка на Програмата, при што се разговараше за можностите за примена на добри управувачки практики на локално ниво.
Работилницата се одржа во просториите на Општина Прилеп, каде што присуствуваа претседателката на Советот на Општина Прилеп и членови на Советот. Беа презентирани структурата и работата на Советот на Њу Орлеанс, како и на Советот на Општина Прилеп, со фокус на можностите за соработка и локална примена на позитивни примери.
На крајот од настанот, на сите учесници им беа доделени сертификати за учество, а на градоначалникот Јовчески и на Советот на Општина Прилеп им беа врачени прогласи во знак на благодарност и поддршка за вклученоста во иницијативата.
Општина Прилеп останува посветена на промовирање на одговорно управување и градење силна, транспарентна и инклузивна заедница, преку поддршка на вакви иницијативи.