Горивата драстично ќе поскапат ако не се усвојат измените на Законот за енергетика и пазарот на нафтени деривати се либерализира за два месеци, вели првиот човек на Регулаторната комсија за енергетика Марко Бислимовски.
Искуствата од соседството покажале дека цените можат да се зголемат од 20 до 40%.
Регулаторната комисија за енергетика смета дека поради преголемото учество на ОКТА на пазарот на големо од 70 до 80% , либерализацијата треба да почека. По истекот на договорот со Окта за малопродажба на нафта и нафтени деривати на 8 мај, РКЕ не може да определува малопродажни цени.
Регулаторна веќе побара да продолжи со досегашната пракса. Законските измени поминаа во Собрание, но не беа потпишани од претседателот на државата, па повторно се вратени во процедура. Регулаторите бараат што побрзо нивно донесување, за пазарот да не се либерализира на 8 мај и да се спречат ценовни шокови.
Истовремено се работи на промена на методологијата за пресметка на цените на горивата бидејќи ОКТА извесно време не произведува нафта, туку само ја дистрибуира во земјава. Изменетата методологија, според Бислимовски треба да создаде услови за влез на нови играчи на пазарот, со што ќе се зголеми конкуренцијата и ќе овозможи нормална и вообичаена либерализација на пазарот со нафта и нафтени деривати.
Регулаторната комисија веќе утре ќе одржи состанок со работната група што треба да ја утврди новата методологија што треба да стапи во функција што поскоро.
Извор: “Курир”