Учениците од основното училиште „Кочо Рацин“ од населбата Рид ја посетија општина Прилеп, се запознаа со нејзиното функционирање, со работата на разните одделенија и остварија средба со градоначалникот Марјан Ристески. Учениците истакнаа дека посетата на зградата на локалната самоуправа им била доста интересна, а тие имаа можност на градоначалникот да му постават и повеќе прашања.
„Денеска ми беше многу убаво, а од сите простории кои ги посетивме најубава ми беше канцеларијата на градоначалникот“, кажа еден од учениците.
„Јас го прашав градоначалникот кога ќе биде завршено игралиштето кое се гради пред нашето училиште и тој ме извести дека тоа ќе биде готово за најмалку за 3 недели и дека ќе имаме поново и поубаво игралиште“, додаде друг ученик од ООУ „Кочо Рацин“ од населбата Рид.
Овие посети се дел од проектот „Отворен ден за граѓаните“, преку кој скоро секоја недела Општината ја посетуваат различни целни групи : невладини организации, граѓани, ученици, претставници на јавните институции, приватниот бизнис сектор и други.
„Отворениот ден за граѓаните е доста интересен проект со кој максимално се зголемува транспарентноста во работењето на Општината. Од друга страна граѓаните се запознаваат со работата на локалната самоуправа, а со тоа и ние се запознаваме со потребите и проблемите на нашите граѓани. Денеска имавме посета од учениците од основното училиште „Кочо Рацин“ од населбата Рид. Тие ја разгледаа општинската зграда, го видоа градоначалничкиот кабинет, но и поставија доста интересни прашања. Едно од најинтересните прашања беше тоа кога ќе биде готово игралиштето кое се гради пред нивното училиште. Им кажав дека тоа ќе биде завршено за брзо време и учениците и сите деца од населбата Рид ќе имаат можност и простор каде ќе можат да си играат. Исто така им ветив дека и понатаму ќе продолжиме со инвестиции во нивното училиште со цел да се надоградуваат во нивното знаење и посакувам дека можеби еден ден некое од овие деца ќе биде градоначалник и ќе седи тука во овој кабинет и ќе ја води општината“, изјави Марјан Ристески, градоначник на Општина Прилеп.
Како дел од транспарентноста на Општината, од 2011 година се спроведува и проектот „Ден на идеи“, каде граѓаните даваат голем брои свои предлози и мислења како да се подобри општественото живеење во Прилеп во различни сфери.