Голема радост, но за џабе: Српскиот тениски ас сепак нема да отвара ресторан за бездомни лица

Пофалби од сите страни, голема радост и комплименти на адреса на најпознатиот тенисер Новак Ѓоковиќ го преплавија регионот, по објавата на веста дека отвора ресторан за бездомници во соседна Србија.

-Парите не ми се проблем. Заработив доволно за да ја нахранам цела Србија. Мислам дека тие заслужуваат, бидејќи секогаш ме поддржуваат – е наводната изјава на тенисерот, која ја предизвика забуната во јавноста, и тоа по втор пат во две години.

Имено, за тоа дека Ѓоковиќ, кој веќе има два ресторани, еден во Белград ,,Новак” кој го отвори во 2009 година, и еден во Монте Карло ,,Еквита” отворен во 2016 година, решил бесплатно да ги храни бездомниците во Србија, за прв пат се објави во британски медиум уште пред околу две години, а потоа веста беше пренесена и во речиси сите медиуми во регионот.

Некои пишуваа дека ресторанот веќе се отворил, други пак дека се бара соодветна локација. Информацијата се прошири со молскавична брзина, и за неколку часа го обиколи светот. Набргу потоа, во октомври 2017 година, од неговиот ПР тим демантираа и појаснија дека нема такво нешто. Но, сепак потенцираа дека Ноле продолжува со хуманитарна работа.

-Станува збор за измислена вест и за нешто што нема врска со Новак Ѓоковиќ – појасни Небојша Мандрпа од тимот за односи со јавноста на тенисерот за порталот Глорија.хр уште тогаш.

На социјалните мрежи – овации, радост, благослови до семејството Ѓоковиќ, пораки до останатите кои заработуваат солидно да се угледаат на Новак.

Сепак, ресторан во кој ќе се дели бесплатна храна, најверојатно ќе биде само сон и желба за многумина, барем во блиска иднина. Оние кои се понадевале дека Ѓоковиќ ќе ги храни, очигледно ќе мора да најдат начин сами да си го заработат парчето леб.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.