Голема потера во Прилеп: Исчезнaa огpoмни машини во Мариово – Жителите paзочаpaни (Видео)

Што се случи со градежната механизација со која на првиот ден од месецов, министерот Сугарески и градоначалникот на Прилеп, Јованоски го најавија започнувањето на рехабилитацијата на долго ветуваниот Регионален пат Лагово-Витолиште, во прилепскиот дел на Мариово, кој со години е во очајна состојба?! – прашуваат од “АЛФА ТВ”

Денеска, на десеттиот ден од почетокот на работите, освен изгребаниот асфалт во должина од неколку километри и новопосланиот асфалт на само околу 300 метри, ништо друго не укажува дека тука се изведуваат крупни градежни работи за проект кој е вреден 40 милиони денари, што го наметнува прашањето дали станува збор реална градежна офанзива, или пак само за предизборна „шминка“ ?!

На прашањата – дали и зошто работите се стопирани, каде е механизацијата и кога се планира да биде готов овој пат, одговор побаравме од ПР-службата на градоначалникот, но до крајот на работното време, оттаму не бевме удостоени со никаква повратна информација.

При започнувањето со градежните работи, министерот Сугарески не прецизираше кога точно се планира да се заврши овој, 7 километри долг пат од с. Крушејца до с. Штавица, освен дека очекувал дека ќе има забрзување на работата и дека во извесен временски период, во целост ќе биле завршени планираните активности.

Инаку, заради очајната и крајно небезбедната состојба на овој пат, кон крајот на минатата година, поранешни, но и сегашни жители, како и луѓе кои имаат свои бизниси во овој еколошки недопрен крај, протестираа на неколку наврати, барајќи итна санација, бидејќи, како што изјавија тогаш, бројот на сообраќајки постојано растел, најмногу заради дупките кои биле цели кратери.

Каролина Дурло за “АЛФА ТВ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.