На три дена пред најголемиот македонски празник државниот врв соопшти детали за празнувањето.
Оваа година во Крушево ќе биде претседателот Стево Пендаровски, но за првпат нема да има говор на Мечкин Камен. Новина е тоа што наместо во 12 часот, прославата ќе почне во 18 часот.
Првпат ќе дојде и лидерот на ДУИ Али Ахмети, а лична покана е испратена и до Христијан Мицкоски, но нема потврда дали ќе ја прифати. Поканети се и лидерите на Алијансата за Албанците Зијадин Села и Левица Димитар Апасиев. Ќе дојде и Заев, како и Стевче Јакимовски, Иван Стоиљковиќ и Маја Морачанин.Поканет е и сребрениот Олимпијец Дејан Георгиевски. Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски нема да биде во Крушево бидејќи не бил тука.
Пендаровски на брифинг со уредниците соопшти дека оваа година решиле да одат со нов начин на прослава, за кој не вика дека е подобар, но ете одлучиле да се обидат.
-За што служи говорот?!Тој предизвикува свиркања, клетви, разединување. Сегашниот концепт на прослава е разединување а не обединување. На народот му е преку глава од политички говори, рече Пендаровски.
Наместо говор, Пендаровски ќе има кратко видеообраќање од две минути. Пораки за Илинден ќе пренесе актерот Никола Ристановски, а ќе настапи и Влатко Стефановски.
Иако одбележувањето на Илинден е една од барањата на Бугарија, претставници од источниот сосед нема да има.
Традиционалната коњаница ќе биде во Крушево а ќе маршира и почесен баталјон на АРМ.
На прославата покрај Танец ќе продефилира и ансамбл за албански песни и ора.