Главните актери на “андерграунд” сцената во Прилеп: Интервју со дечките од “THA TITANIUM”

Заедно се од 2007-та година, зад себе имаат три албуми и многу песни. Тие се “Тha Titanium” и се репер за рап музика од градот под Марковите Кули. Петар Кузманоски и Христијан Ристески се можеби единствените од Прилеп кои активно функционираат заедно и ја шират рап културата.

prva

Од кога функционирате заедно, како дојде до овој спој и како се движите до сега?

Па наредната година ќе помини една декада од постоењето на Титаниум иако се знаеме со Рик од многу порано. Тој спој дојде некако природно, без официјален почеток од типот “од денес сме група”, туку преку музиката што ја слушавме и философијата по која живееме. А денес да ти кажам право сеуште се движиме со Chuck Taylors на нога и успат по некој скип-скип.

Зошто “ТHA THITANIUM”, како го одбравте ова име, постои ли некоја анегдота?

Името дојде од мојата пасија по природните науки хаха. Од секогаш сум се интересирал за работи кои имаат значење позади нив и од старт знаев дека сакам да имаме име зад кое ќе стои некаква идеја по која ќе се водиме. Имено титаниум е најцврстиот природен елемент во природата, па затоа решивме да го искористиме истиот за да ја опишеме нашата музика преку истиот, односно најцврста (што е многу важно во хипхоп културата) и природна односно искрена, во смисла не е форсирана и вештачки добиена. А за “tha” место “the”, затоа што е сленг.

vtora

Зошто рап музиката, во што се разликува овој тип на  музика од останатите жанрови на музика?

Рап музиката затоа што не е музика. Рапот е поезија која што можеш да ја прилагодиш на било каков инструмент и пак да биди рап. Не си ограничен со ритам или звук кој што мораш да го запазиш за да не заминеш во друг стил на музика, што значи имаш слобода на творење во секој правец. Тоа е само почетокот. Кога ќе навлезеш во рап музиката ја сфаќаш комплексноста и од таму произлегува и предизвикот за правење на истата. На крајот ја имаш контроверзијата, која произлегува од слободата на творење и фактот што рап музиката е одраз на општеството и општествените навики. На еден начин, кога ќе слушаш рап песна е како да си ги позајмил очите на артистот кој што ја создал и ги гледаш сите оние работи што тој ги гледа односно го опкружуваат.

Кои се ваши самостојни проекти досега и  како се прифатени кај публиката?

Исклучувајќи го нашиот прв проект “Вандализам”, досега имаме извадено два албуми: “Проект 22” и “ТТрометеј”. Пубилката мислам дека ги прифати солидно затоа што копии одамна немаме од албумите, а сеуште ни бараат до ден денес дали има некаде од каде што можат да ги купат.

treta

Се чини дека рап културата и настапите со рап музика во Прилеп, некако стивнаа. Каде вие најчесто настапувате и на што се должи недостатокот на квалитетни рап настапи во нашиот град?

Најчесто настапуваме во Битола затоа што мислам дека таму е публиката најжелна за рап и знае како добро да се забавува на таквите евенти, иако не можам да ги изоставам Скопје, Струмица, Штип, Охрид итн. За Прилеп можам да кажам дека има многу голем интерес за хипхоп евенти, не само рап журки, но мислам дека фали храброст од страна на организаторите. Младите во Прилеп се желни за урбани евенти и мислам дека е време истите да започнат.

Зад вас имате многу сработени песни, со одлични текстови. Кој е задолжен за пишувањето на лириките и што е најдобра инспирација за да се напише еден успешен, впечатлив и допирлив текст?

Текстот го работам јас, а музиката Рик. Така е од самиот старт и така најдобро функционираме сите овие години. За да се напише еден добар текст понекогаш е потребно само еден збор. Некои песни проникнале така. Сепак, мислам дека многу луѓе не знаат колку е потребно да се посвети внимание за да се добие успешен и допирлив текст. Според мене потребни се три работи: неконвенционална техника на римување, добар hook (тоа ти е стих кој што се повторува низ песната и е делот што сите го меморираат уште на првото слушање) и се разбира рефрен. Секој може да римува, не секој може да твори.

petta

Кои се вашите планови во иднина и што за скоро време можеме да очекуваме како најсвеж производ од Тha  Thitanium?

“Назад, Во Централен Запад” е нашиот последен проект. Го спремаме подолг период затоа што сметаме дека е потребно да дадеме доволно колку што и самото име на албумот бара од нас. Како што и претходно напоменав, 2017 е годината кога Титаниум слави 10 години, па паралелно се работи за да го одбележиме јубилеот како што доликува.

Успевате ли да ги совладате финансиските препреки, кои често пати се проблем за артистите на сцената?

Кога ова што го правиме како Титаниум би ни бил примарниот извор за животна егзистенција, мислам дека никогаш немаше да снимиме ни втор албум. Се што досега сме правеле било од потреба да ние креативно го обоиме големото платно на тоа што се вика хипхоп култура во Македонија. Се дури има бланко место на истото, ние ќе се трудиме да го потполниме.

cetvrta

За крај еден кус опис, што е она што и недостига на рап сцената во Македонија, како македонските рап артисти можат да ги прошират своите видици и да настапуваат на регионални, европски, светски  сцени и со каков тален располагаме како град и држава?

Јазичната бариера и малиот пазар е падот на секој квалитетен артист во Македонија, без разлика каква музика твори. Сепак недостатокот на издавачки куќи и промовирањето на андерграунд музиката се главните пречки. Кога би се вложило повеќе во таа насока тогаш и нашиот глас ќе се чуе подалеку. Хипхопот е космополитска култура, а добрата музка ја чувствуваме со срцето.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.