Учениците и вработените во гимназијата „Мирче Ацев“ Прилеп, со низа активности го одбележаа патрониот празник на училиштето. Во чест на патронот организирани беа: Ликовна изложба, поетска вечер „Времеплов“, спортски натпревари во одбојка, кошарка и пинг-понг, натпревари во шах, положено беше цвеќе пред бистите на херојот во нашиот град и одржана беше свечена академија.
Свечената академија се одржа во народниот театар „Војдан Чернодрински“, вечерта на 04.јануари. На почетокот на Академијата пред присутните се обрати градоначалникот г-дин Марјан Ристески кој зборуваше за инвестициите на Локалната самоуправа во образованието и Гимназијата и за успесите на учениците од ова училиште на државните и меѓународни натпревари.
Во чест на народниот херој Мирче Ацев ученичката Милена Трајкоска го прочита првонаградениот есеј на конкурсот по повод 100 г. од раѓањето на херојот.
Гимназискиот хор, најнаградуваниот хор на државните натпревари, се претстави со три композиции под диригенство на проф.Татјана Иваноска.
На Академијата со пригодни стихови се претставија и рецитаторите: Трајче Маџоски, Елеонора Михаиловска, Цвете Јанеска, Виктор Николоски, Александра Илиеска, Давид Гагалески, Сања Котеска, Деспина Сиљаноска и Стефанија Стефаноска кои работеа под менторство на проф.Ленка Јованоска и проф.Весна Михаиловска.
За убавото расположение на присутните се погрижија вокалните солисти: Михаил Милошески, Анастазија Христоска, Магдалена Кузманоска, Бистра Петреска, Марко Маркоски, Ивана Кормушоска, Ивана Илиоска, Меланија Тодороска и Наташа Ристеска кои беа придружувани на хармоника од Гоце Илиески и на гитара од Стефан Костоски, Андреј Танески и Марко Цветаноски. Ментор на овие ученици им е професорката по музичка култура Татјана Ивановска.
За успешната реализација на свечената академија се погрижија професорите: Димче Настоски, Марта Макеска, Александар Џинго, Гордица Грујоска, Орде Цветаноски и Николче Богданоски.