Гимназијалката од Прилеп, Ивана Мазнејкова, освои сребрен медал на натпреварот за роботика „Робомак“

Од 12 до 14 мај 2025 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје се одржа натпреварот „Robomac Junior“ во организација на ФЕИТ и Институтот за електроника (ИЕЕЕ). На натпреварот учествуваа 54 ученици од четврта година, поделени во 2 категории и во тимови по тројца ученици од различни училишта.

На натпреварот од гимназијата “Мирче Ацев” од Прилеп учествуваа: Ивана Мазнејкова, Марија Бардакоска, Сара Пројческа и Милена Сваќароска – ученици во четврта година под менторство на професорката Анета Стојческа.

Ивана Мазнејкова освои сребрен медал.

Во рамки на категоријата „Автономна мобилна роботика“ натпреварувачите имаа задача да програмираат и управуваат со мобилни Arduino роботи кои самостојно, брзо и прецизно требаше да ги решат зададените предизвици. Задачите вклучуваа избегнување на препреки, следење на патека и интелигентно паркирање.

Во категоријата „Паметна електроника за автономни возила“ учесниците се соочија со предизвикот да осмислат и развијат алгоритам за конкретна намена користејќи вградени компјутерски системи. Во процесот беа користени електронски сензори, електрични мотори и соодветни драјвери, а алгоритмот се програмираше на јазик погоден за Arduino платформи.

Двете категории бараа комбинација од техничко знаење, логичко размислување и практична примена на современи технологии, при што учениците ги демонстрираа своите вештини и креативност во областа на роботиката и вградливите системи.

Покрај натпреварот, настанот имаше и едукативен дел, каде професори и експерти одржаа кратки предавања за роботика, вештачка интелигенција и електроника.

Браво за Ивана и за менторот!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.