Гимназијалец од Прилеп ќе ја претставува Македонија на престижната олимпијата по хемија во Москва

Ученикот Георги Николоски, матурант во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп, ќе учествува на престижната International Mendeleev Chemistry Olympiad (IMChO), која во април ќе се одржи во Москва, Русија.

Николоски во континуитет изминатите три учебни години убедливо го освојува првото место на државниот натпревар по хемија. Под менторство на професорката Ружа Ангелска, тој посветено и систематски се подготвува за највисоките предизвици во областа на хемијата, што годинава резултираше со пласман на едно од најреномираните меѓународни натпреварувања.

International Mendeleev Chemistry Olympiad важи за една од најрепрезентативните светски олимпијади по хемија, на која учествуваат најдобрите млади хемичари од повеќе држави. Пласманот на еден ученик од Прилеп на ваква сцена претставува значаен успех, не само за училиштето, туку и за целата држава.

Од гимназијата „Мирче Ацев“ истакнуваат дека овој резултат е плод на континуирана работа, истрајност и исклучителни знаења, како и доказ дека со посветеност и квалитетно менторство можат да се достигнат врвни меѓународни стандарди.

На Георги Николоски му се посакуваме многу успех и одлични резултати на претстојната олимпијада во Москва, каде ќе има можност да ги одмери своите знаења со најдобрите млади хемичари од светот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.