На 30.08.2023 год. гимназијалецот Петар Мирчевски оствари средба со министерот за образование Јетон Шаќири. Повод за средбата беше освоениот бронзен медал на 55 Интернационална Олимпијада по хемија во Цирих, Швајцарија.
Освен Петар на средбата присуствуваа и другите двајца ученици од натпреварувачкиот тим на Република Македонија, Марио Ванчоски од Штип и Филип Бојаџиевски од Скопје, нивните ментори Блаже Димески, Марјана Младеновска Петровска и директорката на прилепската гимназија, Весна Михаиловска.
“Задоволство ми е секогаш кога имам средба со успешни ученици, но уште посреќен сум кога нивните успеси ја претставуваат нашата земја на меѓународно ниво”, истакна министерот.
Директорката Весна Михаиловска ги пофали прилепските гимназијалци, кои оваа година освоија 35 први, втори и трети места на државни и меѓународни натпревари.
“Ваквиот успех е резултат на мотивирани и талентирани ученици и квалитетен наставен кадар ,кој и покрај проблемите во образованието, успешно се справува со предизвиците пренесувајќи им го своето знаење и искуство на учениците” рече Михаиловска.
На крајот од разговорот министерот уште еднаш им честиташе на учениците и порача: “Нивниот успех нека биде модел за сите други ученици”.